20 отсто за нов објект, останатото за опрема, ТИРЗ не кажува во што конкретно се состои инвестицијата од 126 милиони евра на „Гересхајмер“

Од:

До крајот на септември треба да почне изградбата на новата фабрика на германската компанија „Гересхајмер“ која најави досега најголема инвестиција, 126 милиони евра, во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 2, во Бунарџик. И во новата  фабрика, според најавите, ќе се произведуваат специјализирани производи од медицинско стакло и комплетни шприцеви за вакцини, какви што беше најавено дека ќе се произведуваат и во веќе отворената фабрика во Бунарџик која лани го почна производството. „А1он“ побара објаснување од ТИРЗ во што конкретно се состои најавената инвестиција од 126 милиони евра, но од таму не дадоа прецизни одговори туку само објаснија дека 20 отсто ќе бидат вложени во нов објект, а останатите во опрема.

„Предвидените средства, во најголем дел се наменети за набавка и инсталирање на нови автоматизирани производствени линии. С. Македонија ќе биде втора земја, по СР Германија, каде овие најсовремени линии ќе бидат инсталирани и ставени во функција на производство. Во новата фабрика на фармацевскиот гигант ‘Гересхајмер’ со високо-напредна технологија ќе се произведуваат специјализирани производи од медицинско стакло и комплетни шприцеви за вакцини за големите фармацевтски концерни ‘Санофи’, ‘Новонордиск’ , ‘Фајзер’, и други фармацевтски компании. Помал дел од средствата се наменети за просторните услови (нов објект), системи за одржување на потребно ниво на заштита на производите, како и системи за управување со процесот на производство, контрола на квалитет итн.“, велат од ТИРЗ за „А1он“.

Почетокот на градбата на новата фабрика се планира во третиот квартал од 2022 година. Дирекцијата за ТИРЗ минатиот месец веќе го издала и Одобрението за градба, врз основа на проект изготвен од компанијата. Сериското производство е предвидено да започне во 2024 година.

„Договорот за реализација на инвестицијата предвидува максимален рок од 5 години. Во динамичкиот план доставен од компанијата, инвестицијата се реализира заклучно до 2025 година, со најголем интензитет на вложување на средства во 2023 и 2024“, велат од ТИРЗ.

Во новата фабрика, се планира да бидат вработени помалку луѓе во споредба со онаа која е веќе во функција и покрај тоа што инвестицијата е далеку поголема.

„Само во овој капацитет е планирано отворање на над 180 нови работни места со просечна плата двојно над државниот просек. Се работи за напреден технолошки процес за кој се потребни специјализирани кадри, а не за трудоинтензивна дејност. Најголем дел од овие луѓе е предвидено да се ангажираат до 2024 година. Дополнително во првата фабрика на ‘Гересхајмер’ отворена во 2021 година веќе работат над 120 луѓе, а согласно проширениот бизнис план предвидена е бројка од над 400 вработени. Просечната бруто плата во 2021 година изнесуваше 67.000 денари“, објаснуваат од ТИРЗ.

Оваа инвестиција на „Гересхајмер“, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, ја најави како најголема откако се формирани зоните. Зад неа се „Џонсон мети“ со 73 милиони евра со договор од 2008 година, а следна по големина е повторно инвестицијата на „Гересхајмер“ од 62 милиони евра, договорени во 2019 година.

Би можело да ве интересира

Се јави и трет за истата германска инвестиција: Не е ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ

Предраг Петровиќ

Деспотовски: СДСМ има сериозен проблем, да се одговори зошто 11 000 членови сакале, а не гласале

Деспотовски поднесе оставка од функцијата директор на ТИРЗ

Катерина Ѓуровски

Деспотовски: На голем број на членови на СДСМ не им било овозможено да гласаат

Горан Наумовски

Деспотовски: Новиот СДСМ ќе биде гласна, проактивна, критична и конструктивна опозициска партија со Влада во сенка

Деспотовски: Покренавме бран на промени во СДСМ, ја враќаме моќта кај луѓето