Жарко Башески и Атанас Ботев изложуваат во Црна Гора

Од:

Во организација на Националната галерија на Македонија, на 14 ноември ќе се отвори изложба на македонските уметници Жарко Башески и Атанас Ботев во Народниот музеј на Црна Гора (Црногорска галерија на уметноста Миодраг Дадо Ѓуриќ) во Цетиње, Црна Гора.

Заеднички именител на овие два автора е интересот за денешнината и коментар на истата.

„Интересот во творештвото на Жарко Башески е свртен кон човекот, па оттаму и интересот за хиперреалистичкиот приод во обликувањето на концептот на делото, кој во идејната проекција го надминува и хиперреализмот, говори за животот и за реалноста во која живееме.

Уметникот не бега од аспектите на човековиот живот и неговото битисување во општеството, туку жестоко ги анализира и непосредно и директно ни ги пренесува личните погледи и заклучоци со своето дејствување. Жарко Башески во потрагата за гносеолошки и онтолошки одговори за човекот, преку неслучајно именуваниот циклус на склуптури Зад погледот, нè воведува во аутистичката празнина на денешното социо-општествено живеење, но и можноста за себеистражување, себеоткривање и себеизградување и менувањето како на визијата, така и на вистината за себеси и за човековото постоење. Основна цел во делото на Башески е да се изрази слободата на авторот во мисловниот превод на личното доживување за светот во кој живееме и неговото естетско визуелно вообличување како чин на себеспознанието.

10804980_10205394717522608_931847280_n

При дефинирањето на ликовниот јазик што Ботев го користи во реализацијата на своите дела, може да се каже дека е визуелен номад, спојувајќи повеќе сликарски техники и медиуми (сликарство, цртеж, графика, колаж, фотографија, плакат, стрип, инсталација…), така што секој елемент е во функција на флуидност во креирањето на делото. Во отсликувањето на визулените прикази и приказни, но и приказ(н)и што освен наративниот заплет поседуваат и пластични прочистени сентенции од реалноста, структуирани во надреални секвенции, говорат за менталната линија на опредметувањето на континуитетот и на реалитетот.

Атанас Ботев, како сведок на актуелните случувања и ситуации, ја гради својата естетска стратегија на демистификација на овие општествени феномени. Тој ги коментира рецентните општествени, политички и културни превирања како на локално, така и на глобално ниво. Во контекст на неговиот интерес за креирање синтеза на историските уметнички правци и за реакција на општествено-политичките идеологии од далечното и блиското минато, иронично и интеррогативно, понекогаш и саркастично реагира со транспонирање и редефинирање на актуелните состојби, при што го соголува системот во кој главен збор водат организации на водечките светски сили што под превезот на “подобрување на животната средина” го преструктуираат глобалниот поредок, сè заради зачувување на сопствениот интерес.

…Атанас Ботев со своето творештво ни ги предочува сиот апсурд на овој свет, но и неопходноста на човекот да го консумира апсурдот во борбата за преживување и опстанок…“, пишува во предговорот за оваа изложба

Изложбата ќе биде отворена до 14 декември 2014 година. Куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски.

Би можело да ве интересира

Клупска изложба на фотографии „Мајски салон 2024“ во Центарот за култура во Куманово

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“