Во ресенскиот сарај синоќа со изведба на претставата „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле во режија на Ирена Стеријовска заврши овогодинешното дванаесетто издание на интернационалниот театарски фестивал „Актер На Европа“.
Добитник на наградата за „Актер на Европа 2014“ е македонскиот актер Рубенс Муратовски за главната машка улога во претставата „Вејка на Ветрот“. На фестивалот оваа година во Ресен беше доделена и наградата за животно дело на актерот Раде Шербеџија.
– Петте театарски изведби во ресенскиот сарај ги погледнаа над 1.300 љубители на тетатарот во Преспа што само по себе претставува достигнување за респект. Вечерва сум и среќен и помалку тажен , среќен сум за достигнувањата што ги постигнавме на годинешното издание на фестивалот, а тажен сум што вечерва завршува овај фестивал кој несомнено си го наоѓа своето заслужено место во тетарскиот живот во Македонија. Тука нема да ставам точка, туку запирка, со очекување дека до година ќе организираме уште поуспешен фестивал, истакна градоначалникот на Општина Ресен Ѓоко Стрезовски на затворањето на фестивалот „Актерот на Европа 2014“.
Специјалната награда за најмлад изведувач на фестивалот ја доби „Марија Кондовска“ за улогата во драмската сторија „Мојата Преспа, мојот Ресен“.
Награда за најдобра претстава доби театарската претстава „Тобелија“- заеднички проект на Словенија, Бугарија, Македонија и Црна Гора, за најперспективен млад актер – актерката Ноника Малкотузи од Грција за претставата Перверзија.