„Од рајот“ е филм што треба да се гледа од необичен агол и претставува премин на време од паганскиот свет во времето на раното христијанството, појасни денеска сценаристот и режисер на филмот Срѓан Драгојевиќ, на прес-конференција по повод успешното завршувањето првиот дел од филмот што се снимаше во земјава.
Снимањето на филмот почна на 16 септември годинава, и се одвиваше девет дена во нашата земја, а ќе продолжи во Србија и Германија.
Драгојевиќ е задоволен од снимањето на филмот во Скопје, вели дека деветте дена поминале многу добро, сценографијата е одлична и се надева дека филмот ќе доживее успех.
– Филмот се занимава со Божјо чудо кое се јавува во времето на транзиција во една посткомунистичка земја. Појавата на чуда е одговор на колективната свест за промените кои ја принудуваат целата заедница, да го гледа светот околу себе наопаку, со други очи, рече Драгојевиќ зад чиј режисерски потпис се и филмовите „Ние не сме ангели“, „Убавите села, убаво горат“, „Рани“,…
Напомена дека филмот „Од рајот“ сепак не е политичка сатира, иако изгледа така.
– Филмот не е политичка сатира. Политика е премногу едноставна работа за да се занимаваме со неа, а овој филмот е многу покомплициран. Мојата сестра е монахиња, и таа филмот го нарекува „христијанска комедија“, јас се согласувам со неа, но мислам дека е повеќе христијанска алегорија. Мислам дека е малку трагичен, има и хумор, но во суштина е базично сериозен филм, додаде Драгојевиќ.
Според него, ние уште учиме да бидеме христијани. Некогаш, вели, учиме и преку нашите грешки, некогаш на многу смешни начини.
-Моите три приказни во филмот се настанати по мотивите на трите приказни на еден заборавен француски писател. Го читав уште во 80-тите. Сепак, условите се целосно различни, затоа што во филмот настаните се случуваат сега. Земјата што се опишува во филмот не е ниту Србија ниту Македонија, туку една земја од Источна Европа во транзиција. Намерно инсистирав на тоа, за приказна да има универзалност, рече Драгојевиќ.
Филмот е поделен на три приказни. Првата приказна, како што појасни, се случува во 1993 година, втората во 2001 година и последната во 2026 година, односно во блиска иднина.
Во филмот глумат Горан Навојец, Ксенија Маринковиќ, Бојан Навојец, Милош Самолов, Срѓан Тодоровиќ, Ана Мандиќ и други.
Режисерот појасни дека очекува филмот „Од рајот“ да излезе пред лето следната година, секако, како што рече, доколку се ефикасни со постпродукцијата и доколку се помине во најдобар ред.
Филмот е српско-германско-македонско-хрватско-словенечко-црногорска копродукција зад која застанаа продуцентите DELIRIUM од Србија, во копродукција со Сектор филм од Северна Македонија, Fiction Gmbh од Германија, Forum Ljubljana од Словенија, Studio dim од Хрватска, Max film од Црна Гора.
Проектот е поддржан и финансиран од Агенција за филм на Република Северна Македонија и фондовите за филм на земјите на копродуцентите, а снимањето го потпомогна и Еуримаж.