Шпанскиот кинематографер Кико де ла Рика во чии раце беше камерата во филмот „Снежана“ е годинашен лауреат на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ кој синоќа заврши во Битола.
Кико де ла Рика рече дека посакува да биде успешен како Хозе Луис Алкаин, вторпат добива високо признание, откако во 1996 година, на почетокот на неговата кариера, на 17-то издание на „Браќа Манаки“ беше награден од тогашното студентско жири за филмот „Скок во празно“.
Меѓународното стручно жири одлучи сребрената „Камера 300“ да ја додели на кинематограферката Виржини Сент Мартен од Белгија која го снимаше филмот „Танго либре“, додека бронзената „Камера 300“ му припадна на полскиот кинематографер Кшиштов Птак за камерата во филмот „Папуша“.
Традиционално за време на свеченото затворање беа доделени и други фестивалски награди – „Мала камера 300“ за кинематограферот Хозе Мартин Росете кој го сними краткиот филм „Глас во заднина“, наградата на општина Битола што се доделува за програмата „Нови визии“ е за филмот „Златен кафез“ на режисерот Диего Квемада-Диез и кинематораферката Марија Секо од Мексико, а награда за најдобро сценарио во висина од 1.000 евра му беше доделена на младиот македонски режисер Ѓорче Ставрески.
На ИФФК „Браќа Манаки“ синоќа беа доделени и специјалните награди „Златна Камера 300“ за особен придонес во светска филмска уметност, а годинешни добитници на ова високо фестивалско признание се директорката на фотографија Ањес Годар која истакна дека наградата ја зема како знак дека работата на мажите и жените се изедначува, и актерката Изабел Ипер која посочи дека фестивалот во Битола е неверојатна прилика за да се слави кинематографијата.
Наградите на светски познатите Французинки им ги врачија директорката на фестивалот Лабина Митевска и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која им приреди и кус прием во хотелот „Епинал“. Во таа пригода на акерката Изабел Ипер и подари икона Ангелот од Курбиново иконописана во Зрзевска работилница, додека на кинематограферката Ањес Годар и подари сребрена пеперутка во рамка, мотив од богатото македонско културно наследство.
– Фестивалот „Браќа Манаки“ е ода за големата љубов меѓу кинематограферите и камерата. Тој веќе со децении не потсетува на големиот фотографски и филмски опус, на непобитните фактографски и естетски вредности на богатиот трезор на браќата Милтон и Јанаки Манаки. 34-то издание на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ оваа година беше во духот на индикативната синтагма „Пушти ја светлината“. Како добри домаќини го отворивме прозорецот и тој, и покрај вечерашното затворање на фестивалот, останува отворен за светлината што до нас стасува од далечните простори, но и за светлината што од нас излегува се посилно и допира се подалеку, рече меѓудругото министерката Канческа-Милевска на синоќешното затворање на фестивалот во Битола.
Годинава на ИФФК „Браќа Манаки“ беа изведени проекции на 84 врвни остварувања на светската и домашната кинематографија, а беа реализирани и други фестивалски содржини со присуство на бројни гости од државата и странство, чија организација и реализација успешно беше менаџирана од директорката Лабина Митевска.