Осврт кон 43. ИФФК „Браќа Манаки“: Кинематограферска елита во Битола и одлична филмска програма

Од:

Со доделување на наградите и проекција и премиера на македонскиот филм „Снежана на крајот умира“ на режисерот Кристијан Ристески, синоќа во Битола заврши 43.издание на фестивалот кој ја слави работата на кинематограферите. Во осумтте фестивалски дена во Битола беа гости двајца оскаровци Џон Метисон кој ја доби специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, и Ентони Дод Ментл кој беше почестен со „Златна камера 300“ за животно дело. Овие мајстори на камерата оддржаа и мастер клас за паметење. Двајцата се снимателски сојузници на големи режисерски имиња, па двочасовните предавања беа кратки за прашањата од колегите и публиката.

Се одржаа бројни прес конференции, главната компетитивна програма беше вистински филмски празник и предизвик за интернационалното жири.

Фестивалот влегува во својата петта деценија со импресивна биографија за која во светот раскажуваат врвните кинематографесрки имиња. Овие великани кои понеле награди како академските Оскар и Бафта, велат дека статуетката од „Браќа Манаки“ ја чуваат на почесно место, пред наградите од светските академии. Како најстар фестивал што ја слави макотрпната работа на оние на кои се воодушевуваме на филмската фотографија, годинава направи исчекор во квалитетно светско издание. Уште на самото отворање на фестивалот беше очигледна амбицијата на директорот Симеон Мони Дамевски да внесе повеќе иновантност, гламур што секако фестивалот го заслужува.

Битола осум дена пулсираше во филмски ритам и ги разведри лицата на посетителите и неговите жители. Долгоочекуваното фестивалско брендирање на градот и новите локации како „Офицерскиот дом“ и киното „Манаки“ како и богатата оф програма, му дадоа дополнителен квалитет и шарм на годинешниот фестивал. Од оф програмата може да се издвојат извонредниот настап на џез составот „Некст ту сајлнс“, концептуалниот диџеј сет на филмскиот критичар Влатко Галевски со филмска музика што се оддржаа во култниот битолски локал „Порта џез“.

Сето ова резултираше и со помасовна посетеност на проекциите, можеби најголема во изминативе десет години. Оние ситни организациски пропусти можат да се отпишат наспроти севкупните одлични впечатоци. Наспроти фестивалското мото “реалноста не е доволна“ по завршувањето на „Браќа Манаки“, може да се заклучи дека филмската уметност се издигнува над баналноста но нејзиното создавање се соочува суровата реалност и оттаму заслужува достојна почит и внимание.

НФФК „Браќа Манаки“ секоја година ги вреднува најдобрите кинематографери , но исто така важен сегмент е студентската програма, односно негувањето на филмската иднина. Од оваа година студентската програма е со натпреварувачки карактер и селекција на филмови од најдобрите европски филмски академии.

Наградата за најдобар студентски филм е доделена на филмот „Вдовица и сираче“ во режија на Никлас Форман, директор на фотографија Симоне Харт и Кристијан Нојбергер. Филмот доаѓа од филмската академија во Австрија, соопшти селекторот на студентската програма Ѓорги Пулевски.

Одлуката ја донесе жирито во состав: Митко Панов, Фејми Даут и Благоја Куновски – Доре.

-Наградата за најдобар студентски филм се доделува на филмот „Вдовица и сираче“, кој прикажува длабок и емотивен приказ на младоста, отуѓеноста и надежта. Генијално снимен филм, кој на уникатен начин ја раскажува филмската приказна со поетски визуелен израз. Раскажан со стил, филмот се развива низ повеќе слоен наратив како визуелен тек на свеста, на ослободувачки експетиментален начин, стои во одлуката на жирито.

Режисерот на филмот ја прими наградата и изрази благодарност до кинематограферите, жирито, тимот со кој работел и ја на тимот волонтери од Фестивалот, особено на Анѓела, волонтерката на Фестивалот бидејќи, како што рече, дал ветување дека ако освои награда ќе и ја посвети.

За наградата Железна камера 300 за документарен филм одлучуваше жирито во состав: Јасмин Башиќ, Фејми Даут и Есин Белит и одлучи наградата да му ја додели на филмот „Мара“ на Саша Кулак, што како предлошка ја поставува естетички и концептуално смела перспектива на политички турбулентните времиња низ кои поминуваме. Не само што не приближува до менталната состојба на лицата кои се изложени на политичко насилство од различен степен, туку и ни ги нуди филмските пристапи како алат за интеракција за преживеаните искуства. Зазема цврст став без да го естетизира доживеаното насилство притоа неотуѓувајќи ја публиката.

Жирито на документарната програма одлучи да даде посебно признание на формално храбар и силно политички определен филм, кој ги надминува жанровските граници, вешто играјќи си со инструментите на фикцијата, истражувајќи нови феминистички наративи филмот усоева да понуди вознемирувачки приказ на современ Бразил. Посебното признание му е доделено на филмот „Гори сува земја“ на Џоана Пимента.

Краткометражниот филм е секогаш голем предизвик за филмските автори. Жирито во состав: Маја Богојевиќ, Самир Љума, Жан Мари Дружу, Карлос Дијас и Мелиса Созен одлучуваше за наградата Мала камера 300.

-Имавме прекрасен фестивал, изгледавме доста филмови од кратката и главната програма. Малата камера 300 се доделува на Шади Чабан за краткометражниот филм „Варша“ за совршеното мајсторство во создавањето на незаборавна визуелна поема која го спојува традиционалниот филмски јазик со новите технологии со цел да ги длабоко потиснатите чувства на протагонистот, соопшти Самир Љума.

Сите изминати фестивалски денови „Браќа Манаки“ го славеше филмот и големите кинематографери. Градот Битола беше еден од најважните фестивалски центри во Европа. Во програмата имаше оскаровци, филмови од фестивалите во Кан, Венеција, Берлин. Токму затоа и не беше лесна задачата да се изберат најдобрите кинематографери.

-Бронзена камера 300 се доделува на Хидетоши Шиномија за филмот „Вози ја мојата кола“, за суптилната, но цврста камера која поетично ги пренесува трогателните човечки приказни за нежноста кои универзално одекнуваат, соопшти Карлос Дијас, член на жирито.

Добитникот на Сребрена камера 300 го соопшти Маја Богојевиќ.

-За извонредно нијансираниот и сликовит приказ на животот во Неапол, прецизното и доследно кадрирање во ова прекрасно љубовно писмо до Фелини со автобиографски прикази, Сребрената камера 300 се доделува на Дариа Д’ Антонио за филмот „Божјата рака“.

Дариа испрати порака во која се заблагодари на жирито и на сите што ги запознала за време на престојот во Битола.

-Златната камера 300 се доделува Рубен Импенс за филмот „Осум планини“, за компонирањето на моќна и трогателна приказна што го одзема здивот, во која воодушевувачки се испреплетуваат планинските пејзажи и човечката осаменост во хармонија со природата, мајсторски снимени во тешки услови што ја стаписуваат публиката, соопшти претседателот на жирито Жан Мари Дружу.

Ана Василевска

Би можело да ве интересира

140 години од раѓањето на Милтон Манаки: Изложба во рамки на фестивалот нем и класичен филм

Македонскиот филм „Сестри“ го отвора „Браќа Манаки“ во Битола

Катерина Ѓуровски

Четириесет и прво издание на „Браќа Манаки“: Соодветно ќе се одбележи, иако нема да се одржи на традиционален начин

Ана Ололовска

„Извидник“ на Алекс Цветков утре го затвора „Браќа Манаки“

Наум Локоски

Оддадена почит на гробот на Милтон Манаки

Наум Локоски

На ИФФК „Браќа Манаки“-Битола мастер клас со оскаровецот Роџер Дикинс

Наум Локоски