Втора награда за македонски автори на стрип-фестивал во Србија

Од:

Стрип-авторката Катерина Николовска-Тери од Скопје и сценаристот Александар Стеванов од Штип в петок ќе ја добијат втората награда за стрипот „Мачорот кој сакаше да стане крал на светот“ на Меѓународниот стрип-фестивал кој вторпат се одржува во Ваљево, Србија.

Како што информираат од Стрип-центарот на Македонија (СЦМ) со седиште во Велес, за наградата одлучило тричлено жири, во состав Зоран Стефановиќ, управител на Центарот за уметност на стрипот – Белград, Миливој Костиќ, академски сликар, и Дејан Богојевиќ, мултимедијален уметник.

Во изјавата за медиумите сценаристот Александар Стеванов потенцираше дека исклучително многу го израдува веста за наградата за овој стрип со кој е врзан емотивно што е, како што вели, нетипично од повеќе аспекти.

-Прифаќајќи го ризикот наградата да ми биде одземена, би спомнал дека јас не сум вистинскиот автор на сценариото за овој стрип. Негови идејни творци, всушност, се моите некогашни домашни миленици – пекинезерчето Гизмо и мачорот Фигаро, чии палавштини само ги преточив во текстот од кој потоа Катерина создаде вистинско волшепство од линии и бои, посочи Стеванов.

Истиот стрип веќе освои награда за најдобро сценарио на конкурсот на назначајната стрип манифестација во Македонија – Интернационалниот стрип салон во Велес.

Како што информира проект-менаџерот на СЦМ- Велес Томе Трајков, тие преку Стрип-центарот на Македонија од Велес, на овој меѓународен конкурс испратиле 17 стрип-дела од претежно млади и талентирани македонски автори, од кои дел ќе бидат поставени на изложбата на Ваљево.

-Со ова, Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес и овојпат зема активно учество во популаризација на актуелното македонското стрип-творештво, наведе Трајков.

Би можело да ве интересира

Македонски автор застапен во српска стрип-антологија

Македонскиот стрип претставен во Букурешт

Ана Ололовска

Македонскиот стрип со изложба во Сомбор

Ана Ололовска

Мултимедијалната патувачка стрип изложба „CAN for Balkans“ доаѓа во Велес

Ана Ололовска

Прогласени победниците на меѓународниот натпревар на историски стрипови „CAN for BALKANS“

Излезе од печат стрип албумот „Бестрашниот“ на Дарко Богданов

А1он