„Врба“ на Манчевски го отвора Филмскиот фестивал во Кјото

Од:

Филмот „Врба“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски, на 22 јануари ќе го отвори 13. Меѓународeн филмски фестивал Историка во Кјото, Јапонија. Манчевски ќе биде виртуелен гостин на фестивалот и по проекцијата на филмот ќe учествува онлајн во дискусијата со публиката.

Јапонскиот фестивал Историка е уникатен во светот поради тоа што во фокусот има филмови со историска тематика. Мотото на фестивалот е „Поврзување со иднината преку историски филмови“, a седиштетото е во филмските компании Тоеи и Шошику, прославени по самурајските филмови. Фестивалот секоја година прикажува нови историски филмови од целиот свет, а како што вели директорот Кен Такахаши, годинава избрал да го отвори со „величествениот филм ‘Врба’“.

Речиси две и пол години по светската премиера во октомври 2019 на Римскиот фестивал, „Врба“ продолжува со интензивен фестивалски живот. Досега, освои вкупно тринаесет трофеи, меѓу кои и за најдобра режија на Реинденс во Лондон, најдобар филм на Синеквест во Калифорнија, Сребрена палма во Валенсија…

Минатиот месец, „Врба“ освои вкупно 7 трофеи – три награди и четири почесни признанија, а имаше и грчка и француска премиера на Маратонскиот филмски фестивал во Атина и на „Европа околу Европа“ (L’Europe Autour de l’Europe) во Париз. Филмот беше прогласен за најдобар филм на Маратонскиот филмски фестивал во Атина, a aктерката Наталија Теодосиева беше наградена за најдобра споредна женска улога. Во Атина доби и уште четири почесни признанија – за Милчо Манчевски како најдобар режисер, за најдобра споредна улога на актерката Сара Климоска, за најдобар кинематографер Тамаш Добош и за најдобар филм во избор на публиката. Теодосиева беше добитничка и на наградата за најдобра главна женска улога во „Врба“ на фестивалот на независен филм „Околу глобусот“ (Across the Globe Film Festival) во Њујорк.

„Врба“ собори рекорди во кино и тв прикажувањето дома, забележа извонредни критики во светските медиуми („Суптилен и длабок“ – Варајати), се прикажа на четириесетина фестивали на четири континенти, беше вброен и во потесниот избор за наградите на Европската филмска академија и е еден од малкуте европски филмови со редовна дистрибуција во САД.

Најновиот, седми филм на Манчевски „Кајмак“, кој се снимаше лани во Скопје и околината, е во постпродукција и се очекува годинава да има премиера. Продуцентската куќа „Банана филм“ го најавува „Кајмак“ како „безобразна комедија“ и безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината, црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот.

„Кајмак“ е европска копродукција во која 54 проценти од буџетот го финансираат филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и европскиот фонд Еуроимаж, а 46 проценти се од Македонија, од Агенцијата за филм и Македонската радио телевизија (МРТВ), која е копродуцент. Во меѓународната екипа беа вклучени филмски работници од Македонија, Англија, Италија, Данска, Холандија, Србија, Бугарија и Хрватска. Копродуценти се Мета Луиз Фолдагер, Мете Борч, Елс Вандеворст, Изабел Депевег и Синиша Јуричиќ. Продуцент е Јане Ќортошев, извршен продуцент е Ијан Прајор директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, дизајнер на шминка Марио Микисанти, музика Дениш стринг квартет, монтажа Емил Нунинга, а костимограф Жаклина Крстевска. Во главните улоги се Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска и Филип Трајковиќ.

Би можело да ве интересира

„Кајмак“ на Манчевски награден на фестивал во Палермо

Уште една награда за Милчо Манчевски, овојпат во Италија

Награда за „Кајмак“ на Манчевски во Калифорнија

„Кајмак“ претставен на Сараевскиот филмски фестивал

Предраг Петровиќ

Лазаревски реагира на објавата на Венецискиот филмски фестивал: Нема прогон на автор, туку расчистување на финансиски злоупотреби

Сара Климоска најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Сомбор