Во Велес започнаа 56-те Рацинови средби

Од:

Со поетски митинг со учество на поети од земјава, како и гости од Србија, Словенија, Бугарија и Турција синоќа во театарот во Велес свечено беа отворени 56-те Рацинови средби посветени на големиот поет и револуционер Коста Солев Рацин.

Традиционалната Беседа за Рацин ја одржа проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска. Таа истакна дека неговата позната стихозбирка „Бели мугри“ печатена на македонски јазик со велешки дијалект пред точно 80 години, во 1939 во Самобор во Хрватска е извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ.

-Стихозбирката „Бели мугри“ е врвен дострел на Рациновото творештво, дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување, дело кое ги потврдува можностите за најсуптилно изразување на јазикот кој тогаш бил одрекуван и забрануван. Со „Бели мугри“ и се отвора патот на современата македонска литература, а Кочо Рацин станува еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Стихозбирката составена од 12 песни-бисери ја гради својата слика низ социјални и револуционерни теми, појасни Мојсова Чепишевска.

Претходно беа положени букети цвеќе во Спомен костурницата каде почива Рацин и на двата негови споменика, во центарот на Велес и пред Гимназијата, која го носи неговото име.

Пред споменикот на Кочо Рацин во паркот кај гимназијата во своето обраќање до присутните проф. д-р Соња Стојменска Елзесер, претседател на ДПМ побара од велешани да не падне сенка врз името и делото на големиот поет и револуционер Коста Солев Рацин.

-Да го негуваме и чуваме споменот за Рацин не само во годините што минале, туку да го пренесеме и засилиме за идните поколенија, порача Стојменска Елзесер.

Во рамките на програмата беше промовирана и книгата „Бели мугри на словенски јазици“, што ја подготви Раде Силјан, а ја промовира проф д-р Кристина Николовска, а беше отворена и изложба „Споменот на Рацин низ времето“ – историска изложба за Рациновите средби.

Се одржа и велосипедска трка насловена „Возиме за Рацин“, а вечерта беше заокружена со концерт на етно групата „Монистра“.

Програмата на 56-те Рацинови средби во Велес денеска продолжи со Меѓународната научна конференција на тема „Светлината за зборот“ – јазични и книжевни аспекти во поезијата на Кочо Рацин и Матеја Матевски.

Вечер во 19 часот е традиционалната посета на Спомен куќата на Рацин каде ќе биде промовирана збирка на поезија од млади поети „Под едно небо“ во издание на Агенцијата за млади и спорт, а ќе ја промовира проф. д-р Христо Петрески.

Свеченото затворање на Рациновите средби е најавено во 20 часот кога ќе бидат претставени портретите и ќе бидат врачени наградите Рациново признание за 2019 на проф. д-р Венко Андоновски и Почесното Рациново признание на проф. д-р Милан Јазбец писател, професор на Универзитетот во Љубљана и актуелен Амбасадор на Словенија во земјава.

Би можело да ве интересира

Завршија 58. Рацинови средби со доделување на признанијата на годинашните лауреати

A1on

Во Велес свечено отворени 58. Рацинови средби

Ана Ололовска

Во Велес свечено отворени 57-те Рацинови средби

А1он

Во Велес денеска почнуваат 57-те Рацинови средби

Ана Ололовска

Томислав Османли и Виктор Фридман се добитници на годинешното Рациново признание

Жарко Настоски

До 1 август отворен конкурсот за наградата „Рациново признание“ за 2020

Ана Ололовска