Во Крива Паланка изложба „Тагата и радоста на Ромите“

Од:

Во Градската уметничка галерија на Кривопаланечкиот музеј синоќа беше отворена изложбата на фотографии на Бојан Петровиќ од Република Србија „Тагата и радоста на Ромите“.

Ова е деветта самостојна изложба на Петровиќ која низ 34 фотографии отсликува секвенци од секојдневниот живот на Ромите од неговиот роден град Параќин.

Ова е една од четирите изложби кои ја одбележаа есента на фотографии во Локалната установа Градски музеј – Крива Паланка.

– По делата на Кривопаланечкиот фотограф Ѓорги Костовски и мајсторот на фотографија Александар Кондев, во нашата галерија е уште една збирка импресивни, квалитетни фотографии кои ја пленат уметничката јавност од градот. Задоволство ми е да ја имаме изложбата на Бојан Петровиќ, која ја реализираме во соработка со фото-клуб „Куманово“ од Куманово, благодарение на кој овде изложуваат врвни фотографи од земјава и странство-истакна директорот на ЛУ Градски музеј Крива Планака, Драган Величковски.

Петровиќ е член на Сојуз на фотографи на Србија. Неговите дела се изложувани во 39 различни држави, наградувани во 18 земји со 180 медали и признанија.

– Во 2013 година имав изложба акти која ми беше отскочна штица во кариерата. Активно фотографирам од 2010, а особен момент во мојата фотографска дејност се Ромите кои се застапени во дури 5 индивидуални изложби, со разни тематики. Во секој случај, јас ги ценам Ромите исклучително, ги сметам за мои пријатели кои на драга воља ми ја отвораат вратата од својот свет, дом или приватност и се надевам преку мојата дејност ќе успеам да влијаам на јавноста, Ромите да бидат прифатени како народ со отворено срце, рече Петровиќ.

Бојан Петровиќ-Бокац е носител на титулата EFIAP/b и почесен носител на титулата HONFtGM. Во 2013 бил прогласен за најуспешен автор од Фото Сојуз на Србија.

Делата „Радоста и тагата на Ромите“ ќе бидат изложени во Уметничката галерија на Кривопаланечкиот музеј наредните две седмици.

Би можело да ве интересира

Клупска изложба на фотографии „Мајски салон 2024“ во Центарот за култура во Куманово

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“