До Националната галерија на Северна Македонија заклучно со крајниот рок, 20 јули, пристигнале десет апликации за конкурсот за зрел уметник и 23 за конкурсот за млад уметник.
Како што соопшти Националната галерија, конкурсите што беа објавени пред еден месец, предизвикаа голем интерес.
– Особениот интерес го потврдува фактот дека на ликовната фела, после долг временски период им беше понуден професионален повик отворен за сите, чии селектори се меѓународни стручњаци од областа, а за својот проект селектираните уметници ќе добијат хонорар и средства за реализација и продукција на делата, пракса која одамна не се применува на македонската ликовна сцена, а е потврда на професионалност и респект кон влогот и трудот на ликовниот уметник, наведува Гелеријата.
Меѓународната комисијата во состав: Мишко Шуваковиќ – декан и професор на докторски студии по трансдисциплинарна и трансмедијална уметност при Факултетот за медија и комуникации при Универзитетот „Сингидунум“ од Белград, Роман Урањек, уметник и член на групата IRWIN и Арта Агани Буњаку, ликовен уметник, дизајнер и директор на Уметниката галерија на Косово, ќе има сложена задача да избере еден зрел уметник за победник и двајца млади уметници кои ќе ги реализираат своите проекти во ноември и декември во просториите на Мултимедијалниот центар Мала станица.
Финалната одлука и образложението за селекцијата од страна на Комисијата ќе биде јавно соопштена најдоцна до 20 август.
– Согласно понудените проекти очекуваме интересни програмски содржини како резултат на конкурсите, истакнува Националната галерија на Северна Македонија.