Виртуозот Кантуарија и Џош Стоун на СЏФ

Од:

Боса – нова испеана на португалски со најдобриот глас, вака Скопскиот џез фестивал (СЏФ) го најавува вечерашниот гостин, бразилскиот гитарист Винисиус Кантуарија.

Во Македонскиот народен театар (МНТ) по Кантуарија настапува полското трио на пијанистот Марцин Василевски со гостинот саксофонист Јоаким Милдер.

Со концерт, пак, на светски популарната британска пејачка Џош Стоун во Денсинг салата на Младинскиот културен центар (МКЦ), СЏФ од вечер ја почнува и полноќната програма.

Познат по својата инструментална техника, врвните вокални и кантавторски способности, Кантуарија ќе го претстави својот најнов проект „Vinicius Cantuaria canta Antonio Carlos Jobim“ посветен на големиот бразилски музичар. Винисиус Кантуарија има успешна солистичка кариера од осумдесетите, но познат е и како соработник на Дејвид Брн, Каетано Велозо, Арто Линдзи, Бил Фризел и Ричи Сакамото.

Триото на Василевски свири заедно од студентските денови во раните деведесетти, а е препознатлив по уникатното мешање на традицијата и современиот звук. Составот кој е една од најголемите ѕвезди на полската џез сцена со светска слава, последниот албум „Искра на животот“ го издаде годинава.

Добитничката на „Греми“, Џош Стоун, позната како принцеза на соул музиката или Арета Френклин на првите децении од 21 век, првпат доаѓа во Скопје. Се смета за еден од најсилните вокали што ги произведе британската музичка сцена. Почна на 16 години, реинтерпретирајќи класични соул песни, а продолжи со сопствените кантавторски вештини и моќни изведби.

џош стоун

По шест албуми, модерната кралица на безвременскиот класичен соул се впушти во проект што претставува спој на хип-хоп, реге, светска музика, ритам и блуз.

Годинашниот 35. Скопски џез фестивал почна синоќа, со настап на еден од најиновативните импровизатори на француската џез-сцена, пијанистот Бојан Зулфикарпашиќ (Бојан З.), а по него концерт имаше светскиот виртуоз на гитара Џулијан Лаж со своето трио.

Утре на програмата се два врвни авангардни џез состави – американскиот квартет „Made to Break“ и скандинавското трио „The Thing“. Полноќниот концерт е резервиран за македонскиот состав Гоце Стевковски септет кој ќе настапи во Сити хол центарот со гостинот Џијан Емин.

Последната вечер, во недела, ќе биде претставен новиот проект на музичарот Питер Еванс на труба, со триото „Pilverize the Sound“, а за крај на 35. СЏФ настапува групата на францускиот саксофонист и вокалист Томас де Пуркери „Supersonic“ која последниве години се смета за најголемо откритие на европската џез сцена.

Покровител на годинашниот Скопски џез фестивал е Министерството за култура, а поддржувачи се Градот Скопје, Амбасадата на САД во Македонија и Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Би можело да ве интересира

Награда за најдобар македонски млад џез музичар на Скопскиот џез фестивал во МКЦ

Вечер на Скопскиот џез фестивал посветена на солидарноста на бегалците

Почна јубилејното 40. издание на Скопскиот џез фестивал

А1он

Почнува јубилејното 40. издание на Скопје џез фестивал

Ана Ололовска

Почнува 39. Скопски џез фестивал

Ана Ололовска

Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов ќе го отворат 39. Скопски џез фестивал

Ана Ололовска