Виолинистот Репин и пијанистот Коробеиников за крај на музичкиот дел на „Охридско лето“

Од:

Привршува годинешново издание на „Охридско лето“.
Музичката програма ќе биде заокружено со концерт на виолинистот Вадим Репин и пијанистот Андреј Коробеиников, кои важат за едни од најголемите руски уметници на денешницата.

Најавувајќи го вечерашниот концерт селекторот на музичката програма на Фестивалот Гордана Јосифова – Неделковска истакна дека голема креативна енергија се насочува кон изборот на уметници за свеченото отворање, но и за затворање на музичкиот дел на програмата на фестивалот.

Рускиот виолинист Вадим Репин на музичката сцена се појавува многу млад. Само до 17 годишна возраст во својата биографија запишува голем број награди на национални и интернационални натпревари, вклучувајќи го и Златниот медал на натпреварот „Wienawski“ кој го добива на само 11 години. По ова следат голем број турнеи низ повеќе земји во Европа, Азија и Соединетите Американски Држави, каде настапува со најзначајните оркестри (Лондонскиот симфониски оркестар, ХНК оркестарот од Токио) и најистакнатите диригенти (Валери Гергиев, Владимир Јуровски, Владимир Ашкенази). Како камерен изведувач соработувал со голем број музички имиња, меѓу кои и познатиот руски пијанист Николај Лугански и извонредната аргентинска пијанистка Марта Аргерич.

Има снимено повеќе компакт – дискови. Во соработка со Warner Classics ги снима најзначајните руски виолински концерт на Дмитри Шостакович, Сергеј Прокофјев и Петар Илич Чајковски. За Deutsche Grammophonснима дела од Лудвиг ван Бетовен, Јоханес Брамс, Петар Илич Чајковски, Сергеј Рахманинов, Едвард Григ, Леош Јаначек и Цезар Франк. За овој албум, во 2011 година ја добива престижната BBC Music Award.

Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и француската најпрестижна музичка награда за животна посветеност на музиката – наградата „Victoire d’Honneur“. Во 2014 година Репин станува професор на Конзерваториумот за музика во Пекинг, а во 2015 година и на Конзерваториумот во Шангај, благодарение на неговата работа со млади музичари.

Андреј Коробеиников е руски пијанист, кој својата богата кариера ја започнува уште на 8-годишна возраст, кога го изведе својот прв рецитал во Баку, Азербејџан. Оттогаш тој постојано настапува низ целиот свет (Бразил, Канада, Кина, Америка, Русија, Колумбија, Чешка, Данска, Германија, Латвија, Монако, Јужна Африка, Турција, Австрија, Белгија и др.), каде што соработува со голем број реномирани диригенти, како што се Јуриј Темирканов, Владимир Ашкенази, Иван Фишер, Око Каму, Питер Старк, Александар Рудин, Росен Гергов, Максим Шостакович и др.

Во 2000 година бил избран за доживотен член на одделот за уметност на Интернационалната академија на науките во Сан Марино. Добитник е на голем број награди и признанија, меѓу кои прва награда на третиот интернационален натпревар за пијано „Александар Скрјабин“ во Москва, како и втора награда на вториот интернационален натпревар за пијано „Сергеј Рахмањинов“ во Лос Анџелес.

На програмата на вечерашниот концерт што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток од 21 часот се дела на Клод Дебиси, Сергеј Прокофјев, Игор Стравински и Петар Илич Чајковски.

Би можело да ве интересира

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ