Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

Од:

Дваесеттиот фестивалски ден на „Охридско лето“ го носи соло-концертот на црногорскиот виолинист Роман Симовиќ.

Брилијантната виртуозност, природниот талент и бескрајната имагинација се особините кои на виолинистот Роман Симовиќ му овозможуваат кариера која го носи низ целиот свет, на некои од најзначајните концертни подиуми како „Карнеги Хол“, големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“ , салата „Марински“ во Санкт Петерсбург, Операта во Тел Авив, салата „Викторија“ во Женева, „Рудолфинум“ во Прага, „Барбикан“ во Лондон, Центарот за уметност во Сеул, салата „Григ“ во Берген, „Рахмањинов“ во Москва и многу други.

Симовиќ е добитник на повеќе престижни награди за виолинисти „Родолфо Липицер“ во Италија каде добива прва награда и 12 награди од публиката, награда на натпреварот во Сион во Швајцарија, натпреварот „Јамполски“ во Русија и награда на натпреварот „Хенрик Виењавски“ во Полска со што тој станува еден од најзначајните виолинист на неговата генерација.

Како солист, Роман настапува со некои од водечките оркестри во светот: Лондонскиот симфониски оркестар, оркестарот на театарот „Марински“, Оркестарот на „Театро Реџио“ во Торино, симфонискиот оркестар во Халифакс (Канада), оркестарот „Франц Лист“ во Унгарија, „Камерата Берн“ во Швајцарија, Камерата Салцбург (Австрија), како и оркестри во Турција, Полска, Холандија.

Роман Симовиќ настапува на многу реномирани фестивали како што се „Вербие“, „Бели Ноќи“ (Санкт Петербург), „Транс-сибирскиот фестивал“ на Вадим Репин, „Велигденскиот фестивал“, Летниот фестивал во Дубровник, „Котор Арт“ во Црна Гора, БЕМУС и НОМУС во Србија, „Сион-Вале“ во Швајцарија, фестивалот во Берген, „Московски ноќи“, фестивалите во Италија и Шпанија на кои соработува со врвни музички ѕвезди на денешницата како Леонидас Кавакос, Јуџа Ванг, Готје Капусон, Миша Мајски, Шломо Минц, Франсоа Лелу, Итамар Голан, Симон Трпчески, Џанин Јенсен, Јулијан Рахлин, Вадим Репин, Евгениј Кисин, Антоан Таместит, Антонио Менезес, Николај Лугански…

Роман е визитинг професор на Кралската академија во Лондон и има огромно искуство како педагог. Често е раководител на мајсторски курсеви во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Италија, Шведска, Швајцарија, Србија, Црна Гора, Израел како и на Фестивалот во Вербие, таму често настапува како солист со оркестар, камерен музичар или со рецитал.

Има издадено бројни це-деа, но се издвојуваат четири на кои тој е уметнички раководител на гудачите на Лондонскиот симфониски оркестар снимени за ЛСО-лајв, како и неговото це-де со виолинските каприси од Паганини за соло виолина. Во јуни 2022 година, Роман Симовиќ го сними за ЛСО лајв Концертот за виолина и оркестар од Миклош Рожа под диригентско водство на Сајмон Ратл.

Роман е концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар од 2010 година. Свири на виолина изработена од Антонио Страдивари во 1709 година која му е позајмена од филантропот и колекционер на инструменти Џонатан Моулдс.

На програмата на вечерашниот концерт што од 21 часот ќе се одржува во црквата „Света Софија“ се шесте атрактивни и мошне предизвикувачки сонати за соло виолина оп. 27 на Е. Есаи.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор

Рафинирано хорско музицирање со ангелските гласови од „Света Злата Мегленска“

Ана Ололовска