По неколкудневното натегање меѓу Град Скопје и обожавателите на трагично загинатиот македонски пејач Тоше Проески, традиционалната манифестација „Ѕвездено небо на Тоше“ која секоја година се одржуваше на плоштадот Македонија, годинава сепак ќе биде на 6. наместо на 5. октомври.
Тоа е конечната одлука на град Скопје – на 5.октомври ќе се одржи „Белата ноќ“. Иако обожавателите на легендарниот Тоше напишаа писмо на социјалните мрежи со кое апелираа да им се дозволи да чествуваат на традиционалниот датум, на кој се одржува секоја година, компромисот е направен во делот на програмата, на 5 октомври да има само крводарителска акција посветена на Проески.
-За 5. Октомври ни беше одобрено манифестацијата да трае само два часа и некако се судривме со настанот „Бели ноќи“, а ние сакавме настанот да биде посветен исклучиво на Тоше, вели Сузана Стојковска од „Т.Проески фан клуб форум“.
По седум години ова е прв пат друга културна манифестација да го заземе местото на „Ѕвезденото небо на Тоше“. На оваа прослава што собираше по неколку илјади граѓани, град Скопје и другите државни институции, не пропуштаа можност да се промовираат како поддржувачи на трагично загинатата ѕвезда. Ваквиот тренд почна од петтата годишнина од смртта на Тоше кога соседните држави подостојно го чествуваа најуспешниот македонски пејач.
Александра Бубевска