Повеќе од 500 ученици од Македонија и од шест европски земји ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе следат креативни работилници, ќе се сретнат успешни уметници, ќе ги запознаат културата и традициите на своите другарчиња од странство од денеска до 10 октомври во Скопје на 10. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“.
Фестивалот ќе биде отворен со проекцијата на филмот „Итало“ на режисерката Алесија Скарсо, вечерва во 19 часот во киното „Милениум“. Приказната за нежното и трогателно пријателство помеѓу едно осамено момче и едно куче, кое е пример за човечност, ќе биде бесплатно достапна за публиката.
По десетти пат единствениот концепт на споделување искуства меѓу младите преку филм, култура, уметност и креативност, ќе завладее во Скопје на повеќе локации. Десеттата година на фестивалот се одржува во Европската година на младите и темата на фестивалот „Невидлива моќ“ е посветена на моќта на младите, која е невидлива во општеството, но е основа на која се гради сегашноста и иднината за сите. Гости на фестивалот ќе бидат и учесници од: Италија, Бугарија, Србија, Романија, Полска и Ирска.
-Скопје е град во кој дојдовме пред 10 години и овде ни е срцето. Се радуваме како фестивалот расте, и зад работата на возрасните во фестивалот, стојат стотици млади луѓе, кои учествуваат на фестивалот, не само на централниот настан во Скопје, туку и во сите други градови низ Македонија. Во овие 10 години фестивалот се обраќаше на децата од 11 до 19 години, би сакал да можеме да ја продолжиме оваа приказна и со помалите деца. Годинава Македонија ја вклучивме во патувачки проект кој ќе се одвива во неколку европски земји, а започнува токму со 10. издание на фестивалот – рече Јакопо Губитози, директор на „Џифони Експериенс“, на денешната прес-конференција што се одржа во Кинотеката.
Фестивалот вечерва ќе го прогласи за отворен амбасадорот на Италија во Скопје, Н.Е. Андреа Силвестри.
Фестивалските активности ќе продолжат од 6 до 10 октомври во Кинотеката и Младинскиот културен центар, каде покрај богатата програма на активности резервирана за учесниците на фестивалот, ќе има и низа настани отворени за публиката како и интересни гостувања на млади и успешни уметници од Македонија и од странство.
За директорот на фестивалот, Дарко Башески, од особена важност е што сиве овие десет години младите учат како да гледаат филм и да дебатираат.
-Горди сме на нашите учесници, зашто освен што гледаат филмови, тие учат и да дебатираат, да дискутираат за темите кои се претставени во филмовите, да градат свое мислење. Тоа го забележуваме и во сите наши учества на „Џифони Италија“, каде македонските џифонци се едни од најактивните и за нив слушаме само пофални зборови – вели Башески.
Една од придобивките на нашиот фестивал е што многу од младите што учествувале на фестивалот решаваат да продолжат во светот на филмот, посочи програмската директорка на фестивалот, Деа Крстевска.
-Еден од важните аспекти на нашиот фестивал е што учесниците од Македонија се домаќини на џифонци од повеќе земји. Нас посебно нè радува што тие ги отвораат своите домови. Гостите имаат незаборавни искуства и многу често се враќаат на фестивалот – вели Крстевска.
Џифонците освен што ќе гледаат филмови од поновата европска продукција, ќе учествуваат и на 11 работилници. За јуниорите годинава ги подготвивме: ликовната што ќе ја води Моника Мотеска, музичка со Лада Шоптрајанова Петровска и филмската што ќе ја води режисерката Марија Џиџева.
Сениорите ќе можат да работат на работилници за фотографија и видеомонтажа во соработка со ИКС, за анимиран филм со Крсте Господиновски, стрип со Здравко Гиров и Давор Драмаќинин, дигитален дизајн со Ладислав Цветковски и филмска со Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов.
Од настаните отворени за публиката го издвојуваме Денот на италијанскиот стрип на 6 октомври, што е организиран во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје, на кој ќе гостуваат Серџо Џерази и Алесандро Билота од Италија, автори на познати стрипови, меѓу кои и „Дилан Дог“, а ќе биде поставена и изложба на нивни цртежи.
Во сабота 8 октомври ќе гостуваат Сергеј, Наталија и Мартин од импров групата НАСТАП, а Роберто Геци и Антонио Масаруто од Италија ќе ја презентираат новопоставената изложба на нивни уметнички дела создадени во хармонија со природата во Македонија.
На 9 октомври ќе бидат прикажани првите две епизоди од новата серија „Генерација Бушави“, а ќе следува и изненадување за присутните. Гости на фестивалот ќе бидат и режисери од Италија, Литванија, Полска, Словенија, како и актерката Јана Секуловска од Швајцарија, која има македонско потекло и игра во филмот „Семи, Џо и јас“.
Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во 19 часот, кога ќе бидат објавени победничките филмови во сите категории, а ќе бидат прикажани и творбите кои ќе произлезат од петдневните креативни работилници.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Министерството за култура на Северна Македонија, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија и Градот Скопје, како и од Младинскиот културен центар и Кинотеката, како и други институционални поддржувачи и бројни спонзори.