Осмото издание на фестивалот за модерен танц и перформанс „Локомоушн#8“ се затвара вечерва со две претстави: Соло на Мариана Тенгнер Барос, која ќе биде изведена во 20 часот во МКЦ и „Најдобрата“ со почеток во 21,30 часот.
Во „Стапица“, Мариана Тенгнер Барос се поставува себеси во внатрешноста на телата на „стариот гламур- мртви филмски диви и ѕвездите на бурлеската“- да има разговор со Бог за уметноста и финансискиот пазар, а потоа од досада да заврши пеејќи епска песна, во измамничка игра, каде работите не се никогаш онака како што се прикажуваат дека се. „Стапица“ на Тенгнер Барос е стапица на конечната стапица – општеството на спектаклот.
Претставата е наградена со “PRIX JARDIN D’EUROPE – Награда од публиката“ , Европска награда за Млада Кореографија на 30. издание на ImPulsTanz – Vienna International Dance Festival во Австрија.
За претставата „Најдобрата“ во програмата на фестивалот стои дека „Најдобрата беше зачната по повод најдобрата роденденска забава со најдобрата храна во најдобриот кревет во најдоброто време.
Најдобрата е уметнички ентитет, што произлезе од најдобрата намера да се редистрибуираат односи во непосредна близина претежно обраќајќи се кон пареата (испарувањето) на културната продукција.
Најдобрата преку нејзините соработници, ги преиспитува формите и изведбата на нејзината појава и само-претставување.
Најдобрата користејќи ре-апроприација весело преговара за вредностите според кои ние зборуваме најдобро за некого или нешто, континуирано набљудувајќи се себеси во сопствениот акт.“