Вечер на Европската унија на „Охридско лето“

Од:

Вообичаена практика последните години е еден ден од фестивалската програма на „Охридско лето“ да биде посветен на ЕУ, со настап на уметници што држава-членка на Унијата. Овојпат сцената во катедралната црква „Света Софија“ е резервирана за настапот на триото флејта, виолончело и харфа и уметничките од Словенија Ева Нина Козмус, Нина Печар и Мојца Злобко Вајгл.

Младата флејтистка Ева-Нина Козмус за себе вели дека „живее за музиката“. Со само 21 година, Козмус може да се пофали со голем број национални и интернационални награди и признанија, меѓу кои и наградата „Евровизиски млад музичар“ („Eurovision Young Musician“) што ја добива во 2010 година. Покрај тоа, таа постојано е активна на музичките сцени низ цела Европа, притоа соработувајќи со реномирани оркестри и уметници. Ева-Нина Козмус во моментов е на своите додипломски студии на Националниот конзерваториум за музика и танц во Лион, Франција.

Виолончелистката Кармен Печар го привлекува вниманието на словенечката музичка јавност на 13-годишна возраст, кога дебитира како солист со Словенечката филхармонија, изведувајќи го Концертот за виолончело и оркестар од англискиот композитор Едвард Елгар. Досега соработувала со голем број еминентни диригенти, изведувачи и оркестри, настапувајќи на некои од најпрестижните сцени во светот. Неколку години работела како асистент на својот професор – виолончелистот Валтер Дешпаљ, на Музичката академија при Универзитетот во Загреб, а моментално работи како професор по виолончело на Конзерваториумот за музика и танц во Љубљана.

Харфистката Мојца Злобко Вајгл се вбројува меѓу водечките музичари во Словенија, со богата интернационална кариера како солист и како камерен изведувач. Дипломирала на Музичката академија во Љубљана, а своите постдипломски студии ги завршила на Академијата за музика и за театар во Хамбург. Набрзо потоа започнува нејзината завидна изведувачка дејност со широк и разновиден репертоар. Некои од современите композитори, инспирирани од нејзиното музицирање, започнуваат да пишуваат дела за соло харфа посветени токму на оваа извонредна харфистка. Како солист досега има настапувано со голем број значајни диригенти и оркестри, додека како камерен изведувач често е дел од ансамбли во кои членуваат реномирани музички уметници.

На програмата се дела на Ибер, Брух, Росини, Дебиси, Понсе, Годефроад, Равел, Оелшлегел. Почетокот на концертот е во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.

Би можело да ве интересира

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ