По синоќешното отворање, 37. Скоски џез-фестивал вечер продолжува со концерт на трубачот Вадада Лео Смит, кој од Њујорк доаѓа специјално за единствената европска аудиовизуелна изведба на неговиот албум „Reflections and Meditations on Monk“ од 2017 година.
И по 50 години кариера, Вадада Лео Смит е се уште еден од најкреативните современи џез-музичари, мултиинструменталист, композитор и импровизатор. Има компонирано музика за соло-изведби, ансамбли, класичен и креативен оркестар, како и за сценски перформанси. Композициите на Вадада се изведувани од неговите сопствени ансамбли, како и од други современи музички состави. Настапувал со речиси сите значајни артисти на креативната импровизаторска музичка сцена.
Ексклузивен европски настап вечер ќе има и култната њујоршка тројка „Хариет Табман“ (Harriet Tubman), предводена од еден од водечките светски џез-гитаристи, Брандон Рос. Музичкиот колектив е оформен во 1998 година и насловен по храбрата афроамериканска робинка што го ризикувала својот живот за да се ослободи од ропство.
– „Хариет Табман“ е состав длабоко инспириран од идеалите за слобода. Музиката на триото – фузија на соул, рок, џез и блуз – ја истражува длабочината на овие жанрови постигнувајќи слободен и уникатен музички израз… Четвртиот албум на бендот, извонредниот „Араминта”, е едно од најистакнатите изданија на 2017 година, наведува Скопски џез-фестивал.
Полноќен концерт денеска ќе има Трстон Мур – некогашниот фронтмен на „Соник јут“ (Sonic Youth) и една од највлијателните, најинспиративните и најреспектираните фигури на денешната музичка сцена. Во моментов работи и снима соло, со разни ансамбли, како и со својот бенд „The Thurston Moore Group“.