Со претставата „Пред“ на водечката швајцарска танц-група „Алијас“ од Женева, Швајцарија, утревечер (23 септември) во 20 часот на сцената на МОБ ќе биде отворен јубилејниот 40. Млад отворен театар.
Годинава под мотото „Бариери“, МОТ ги урива сите предизвици, кои упорно, неуморно стојат исправени пред секое ново издание. Хамлетовските дилеми „To be or not to be“ не престанаа да демнеат уште од неговото формирање во 1976 година кога насушната потреба за приближување и следење на светските театарски тенденции го создаде Младиот Отворен Театар, кој прерасна во суштински значаен културен фестивал кој земјава ја држи во чекор со современите театарски продукции.
Биографијата на фестивалот ја создаваа 700 – те театарски претстави, од 43 земји, многуте изложби и придружни концерти, огромниот број на театарски вљубеници кои волонтираа за да се одржи фестивалот посветен на младинскиот и алтернативниот театар.
Постојано освојувајќи нови простори од МКЦ, аулата на Филозофскиот факултет, преку плоштадите и булеварите, низ улиците, ановите и амамите на Старата скопска чаршија, на Кале, на Старата и Новата железничка станица, на кејот на Вардар, на плоштад Македонија, во парковите, во клубовите, во хотелски соби, МОТ 40 години во континуитет во Скопје создава театарски сцени кои кренале завеса за најзначајните светски театарски трупи.
И кога бариерите изгледаат несовладливи, минатото е мотив.
Ако во 1976 година „Драма студио” од Лондон, со „Пруфрок”, точно напладне, го навести МОТ во аулата на Филозофскиот факултет и ја „запалија” двеилјадната публика, годинава „Алијас“ од Женева, „Гогољ центар“ од Москва, „Белорускиот слободен театар“ од Лондон, „Лидија Литос“ од Атина и регионалните театарските тупи со еднаква надеж по 40-ти пат од 23 – 28. 9. 2015, на пет сцени во Скопје, со 14 театарски претстави и три панел конференции, ја продлжуваат МОТовската приказна.
На јубилејното издание на МОТ ќе биде промовирана и монографијата „Моќта на театарот“ на почесниот претседател на фестивалот Љубиша Никодиновски –Биш.
– Опкружени или попрецизно опседнати во оваа глобална поли(циски)тичка синхронизација, истата, перфидно наметната од наднационалните доброчинители или безочните мултинационални корпорации, спроведена од нивното покорното намесништво, го дочекуваме четириесеттиот МОТ, единствениот автентичен востаник, кој упорно, тврдоглаво, бескомпромисно делува и вели ОТПОР“, вели Златко Стевковски директор на Младински Културен Центар.
Програмата на МОТ е достапна на www.mot.mk