Турскиот театар од Скопје на фестивалот „Охридско лето“ вечер премиерно ќе ја изведе претставата „Кралот Лир“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Диего де Бреа.
Селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Зоран Љутков истакна дека концепцијата на фестивалот годинава се базира на домашните премиери.
– Многу сум среќен што речиси сите шекспирови текстови имаат странски режисери кои режираат во Македонија. Тие ги направија своите планови да режираат во лето, така што ми беше многу полесно да ги донесам на „Охридско лето“. Да не зборувам дека на сите им е чест да имаат своја премиера на овој реномиран фестивал, посочи Љутков.
Заради интимноста што ја има претставата, таа ќе се одигра во затворен простор, на сцената на Центарот за култура во Охрид. Ќе има минимална сценографија, мошне едноставна костимографија, одлични актери и еден од најдобрите балкански, но и европски режисери, Диего де Бреа, кој е чест гостин на „Охридско лето“.
– Очекувам дека ќе имаме многу силен Шекспир, многу силен Крал Лир иако првпат ќе видиме Кралот Лир да го толкува млад актер зашто во принцип, Кралот Лир има 70-тина години. Овојпат него ќе го игра актер кој има триесеттина години, појасни драмскиот селектор на „Охридско лето“, Зоран Љутков.
Во театарската претстава „Кралот Лир“ ќе играат актерите Џенап Самет, Несрин Таир, Осман Али, Зубејде Али, Ерман Шабан и Ебру Мусли. Сценографија и костимографија се на Благој Мицевски, а музиката е избор на режисерот де Бреа.
Претставата ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.