Турскиот режисер Каан Муждеџи синоќа во Скопје ја прими наградата „Златен Манаки“ која првпат се доделува за најдобар филм во новата фестивалска програмата „СЕЕ Камера“ на ИФФК „Браќа Манаки.
Муждеџи ја доби наградата за неговиот филм „Сивас“, кој беше дел од програмата „СЕЕ Камера“ на 36.издание на фестивалот. Публиката во Скопје синоќа имаше можност да го види „Сивас“ кој е кандидат на Турција за наградата Оскар за странски филм, а во Венеција лани ја освои Специјалната награда од жирито.
Турскиот режисер синоќа на свеченоста во киното „Синеплекс“ во Скопје се заблагодари и рече дека за него е голема чест и радост што добива награда од Фестивалот „Браќа Манаки“, како што посочи, еден од најеминентните фестивали на светско ниво.
– Забележав дека во Скопје живеат многу различности, вери, култури на едно место и во хармонија. Особено ми е мило за тоа и ви посакувам уште долги векови да живеете така. Наградата ја посветувам токму на хармонијата на различностите на овој град. Благодарам и до Културниот центар „Јунус Емре“, кој не претставува на глобално ниво и им благодарам за гостопримливоста, истакна режисерот од Турција, истакна Муџдеџи.
Настанот го организираа Турскиот културен центар „Јунус Емре“ – Скопје и Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ од Битола.
Наградата на Мујдеџи му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот, Благоја Куновски.
– Филмот „Сивас“ го гледав лани на фестивалот во Венеција и ми беше на мојата поширока листа за филмови за годинава, но и изборот да биде дел од програмата „СЕЕ Камера“ е сосема оправдан. Овој филм е едно од најзначајните дела на новиот турски филм, посочи Куновски.
Селекторот на Официјалната програма потсети на почетоците на големиот турски режисер Нури Билге Џејлан, кој во 2003 година го освои Специјалното признание на „Браќа Манаки“, за филмот „Далеку“.
– Ве уверувам дека сиве години наназад и со сите досегашни директори сме воделе сметка за презентацијата на турскиот филм, кој сме го претставувале со големи светски имиња. Годинава го имавме големиот соработник на Џејлан, сценаристот Ерџан Кесал како член на жирито во Официјалната програма, како и една од најпознатите актерки во Турција, Хатиџе Аслан, која беше член на жирито во програмата „Нов европски филм“, рече Куновски.