Друштвото на писателите на Македонија денеска ќе одржи трибина насловена „Историјата на македонската книжевност – истражувања, резултати, научни искуства“.
Предмет за расправа на трибината ќе бидат аспектите на пристап, периодизација и жанровска класификација, како и спецификите на развојот на македонската книжевност.
Ќе стане збор за толкувањето и вреднувањето на книжевните дела создавани во различни периоди – од творбите на Свети Климент до денес, како и за искуствата од истражувањата во создавањето на историја на македонската книжевност.
Модератор на трибината ќе биде д-р Соња Стојменска Елзесер, а учесници д-р Илија Велев и д-р Георги Сталев, раководители на научни проекти и автори на истории на македонската средновековна книжевност и на македонската книжевност во 19. и 20. век.