Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во соработка со Европската федерација на кинематографери- ИМАГО, денеска во Битола ќе ја одржи третата балканска конференција на директори на фотографија.
Годинава на Конференцијата акцент ќе биде ставен на условите за работа во филмската индустрија на Балканот.
– Оваа трета Балканска конференција е од особено значење за Балканот бидејќи следната година во Брисел, ИМАГО свикува широкоотворена Меѓународна конференција со особен акцент на работните услови во европската филмска индустрија. Се надевам дека делегатите од осумте здруженија на кинематографери кои ќе присуствуваат на конференцијата во Битола ќе ја откријат реалната состојба на работните услови на Балканот, истакна претседателот на ИМАГО Најџел Волтерс во пресрет на денешната трета по ред балканска конференција на директори на фотографија.
Во текот на денешниот ден организаторите на фестивалот ќе организираат неколку прес конференциии на кои ќе учествуваат Филип Огард, кинематограф од филмот „По редослед на исчезнување“, гости од филмот „Варвари“ на режисерот Иван Икиќ, а ќе се одржи и јавен разговор со Крис Менџис, добитник на наградата за животно дело „Златна Камера 300“.
– Од традиционално пребогатата и светски водечка британска кинематографија, во нашиот Клуб на великаните-лауреати на главната награда за животно дело „Златна камера 300“ за да ни го разубави одбележувањето на 35-тото јубилејно издание, го избравме великанот, документарист, режисер и кинематографер, двократниот Оскаровец – Крис Менџис, информираат од ИФФК „Браќа Манаки“.