Не стивнуваат реакциите по нападите на режисерот Столе Попов на фестивалот „Браќа Манаки“ и навредите кои ги упати на прес конференцијата организирана по повод премиерата на неговиот филм „До балчак“.
Откако актерите Горазд Цветковски и Марјан Ѓорѓиевски, на своите фејсбук профили признаа дека не им биле исплатени хонорарите за улогите, режсерката Теона Митевска му се обраќа на Попов со отворено писмо. Таа на својот фејсбук профил пишува:
Вашиот филм им припаѓа на сите, бидејќи е финансиран од даноците кои ги плаќа овој народ.
Вие, господине, имате одговорност како креатор на овој филм да одговорите на сите поставени прашања колку и тие да биле незгодни.
Еве го нејзиното писмо:
„Почитуван Господине Столе Попов,
Го изгледав вашиот филм и ви честитав за вложениот труд. После сите ваши перипетии се прашувам дали уметничкото дело може да се оддели од креаторот и да се вреднува само како такво. Бидејќи со секој ваш потег вредноста на вашето дело тоне во нашите очи, а јас како ваш колега не можам да се заштитам себеси и вашето дело од вас самите.
Прво: Велите дека на отварањето никој не ве пречекал на црвенот тепих, истиот тој кој не престанувате да го нарекувате „селска приредба“. Па ако тоа е навистина селска приредба зошто толку инсистирате да бидете дел од истата? Да појаснам: Вие бевте пречекани на таа „селска приредба“, и претставени на тој црвен тепих, а телевизиските снимки од директниот пренос го потврдуваат тоа.
Второ: Овој фестивал им припаѓа на сите, исто како и вашиот филм што им припаѓа на сите, бидејќи е финансиран од даноците кои ги плаќа овој народ. Вие, господине, имате одговорност како креатор на овој филм да одговорите на сите поставени прашања колку и тие да биле незгодни , а не хистерично да ја напаѓате Лабина на самиот црвен тепих од таа „Селска приредба“ која навистина и стана „Селска“ благодарение на вас, господине Попов, и вашиот неконтролиран испад или пак обид да се привлече внимание на себе тогаш и онаму каде што не сте го добиле, а сте очекувале дека треба да го добиете. А што се однесува до полемиките околу долговите поврзани со филмот кон локалната популација, тоа не е проблем на фестивалот – зар очекувате фестивалот и со тоа да се занимава? Зарем сте очекувале фестивалот и новинарите да ги цензурира, па да се вратиме во времето на комунизмот и да контролираме кој што рекол и како рекол.
Трето: Скромност ви е потребна. Наместо да бидете среќни дека сте направиле филм после толку години и да го славите своето дело вие се концентрирате на вас самиот, внимание не ви било дадено, прашањата не биле соодветни… Со вашите потези вие го свртивте многу умешно целото внимание од нешто толку убаво и благородно: присутвото на Жулиет Бинош на Македонски фестивал и во Македонија кон себе и вашиот гнев, и со тоа го одземавте задоволството на публиката од нешто што е пред се чест за нас и нашата држава. Зошто вие мислите дека го имате тоа право? Кај вие е скромноста , кај ви е благодарноста кон оваа држава, овој филмски фонд, овој фестивал кој толку многу порасна и се изгради со макотрпната работа на Лабина и нејзинот тим? Зошто вие мислите дека треба да сте центар во светот и се’ околу себе да уништите, во името на што? Во вашиот филм „До Балчак“ комитите завршуваат во една кафеана и наместо да се борат за доброто на сите тие се претвараат во развратници, каде секој води грижа само за себе. Се прашувам, дали оваа сцена е во директна корелација со вас и вашиот став кон се’ останато? Е сега, господине Попов, можеби вие кој сте пораснале во комунизам и колку и да го твдите спротивното сте директен прозвод на токму тој систем, каде Македонец Македонецот го турка кон дното и се’ ќе направи само никој од тука да не исплива. Јас, Лабина, овој фестивал и многу други млади филмски дејци сме дел од некое ново време. Ние, почитуван колега , друг Македонец не го носиме кон дното туку нагоре, фестивалот секоја година промовира македонски филмски дејци и филмови, затоа што заедно сме појаки, затоа што со секој успех на било кој Македонец сите ние профитираме.
Последно: Дали Лабина да не беше жена или пак да беше политичар истото ќе си го дозволевте? Со вашиот настап само покажавте дека немате почит кон никој и никого освен кон самиот себе си и вашите лични интереси, вие сте одраз на нешто што веќе не е“, пишува Теона Митевска во отвореното писмо до Столе Попов.