Претставници на националните театри на Србија, Северна Македонија и Албанија денеска во Владата на Србија потпишаа протокол за соработка во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, јавија белградските медиуми.
Договорот, што беше инициран на неодамнешниот форум „Отворен Балкан“ во Охрид, го потпишаа в.д. директорот на Народниот театар од Белград Светислав Буле Гончиќ, директорот на Националната опера и балет од Скопје Васо Ристов и Абигајла Воштина од Народен театар за опера и балет од Тирана, а потоа ќе го потпише и претставничката на Македонскиот народен театар Симона Угриновска.
„Во Охрид ја претставивме идејата за можност за заедничка соработка на културно ниво, на ниво на размена меѓу Тирана, Скопје и Белград и дојдовме до идеја за формирање ‘Отворен балкански театарски фестивал’, што всушност ќе вклучи размена на искуства, педагози, уметници и изведби“, рече Гончиќ по потпишувањето.
Документот беше потпишан по разговорите во Белград каде претставниците на националните куќи „се договорија, се согласија и го зацртаа основниот пат на еден ваков фестивал“, рече Гончиќ.
„Фестивалот се роди со идејата дека треба да ја отвориме вратата кон иднината, особено на младите и да започнеме нов концепт и свет. Поминавме многу време разговарајќи на таа тема, и официјалното потпишување на договорот формално означи нов почеток“, рече Гончиќ.
Изразувајќи надеж дека фестивалот „ќе има позитивно влијание и врз публиката и врз самите творци“, Гончиќ додаде дека во следните неколку месеци ќе се направат подготовки за практично да се спроведе договорот.
Извор: МИА