Ансамблот на Националната опера и театар за танцова драма од Кина синоќа настапи на сцената на Македонскиот народен театар со танцовиот спектакл „Конфуциј“ и беше поздравен со овации од македонската публика.
– На сцената продефилираа седумдесетина актери кои пленеа со маркантноста на костимите и уникатната сценографија и комплетно ја доловија сликата за светот и времето во кое живеел „Големиот прв учител“- Конфуциј. Изведбата на претставата беше проследена од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, амбасадорот на Народна Република Кина, Вен Жен Шун, претставници на дипломатскиот кор во Македонија и голем број уметници и љубители на театарот и танцот, соопшти Министерството за култура.
Министерката Канческа-Милевска вчера на прес-конференција истакна дека гостувањето на Националната опера и театар за танцова драма од Кина е дел од нивната голема турнеја и е резултат на минатодишната посета на делегација на менаџери и уметнички директори на најзначаните кинески културни институции на Македонија, со кои беа разменети мислења за унапредување на културните врски помеѓу двете пријателски земји.
– Ова гостување претставува и потврда дека Република Македонија и Народна Република Кина негуваат одлични релации во областа на културата кои се подвлекоа и со Извршната програма за културна соработка потпишана при посетата на министерката за култура Канческа-Милевска на оваа земја во 2011 година, информира Министерството за култура.