ТАКСИРАТ ги пречекува и шведските хеви-метал херои САБАТОН!

Од:

„ТАКСИРАТ“, во рамки на главната фестивалска вечер, на 7ми декември во Метрополис Арена ќе го пречака и еден од денес најатрактивните светски метал бендови „САБАТОН“ (SABATON). Шведската power/heavy метал атракција доаѓа на „Таксират“ да го претстави актуелниот албум „Heroes“, кој „Сабатон“ го промовира со големата европска турнеја „Heroes On Tour Europe 2015“. Ова ќе биде прва средба на „Сабатон“ со македонската публика, а токму поради овој факт групата го изрази своето огромно задоволство и настапот на „Таксират“ го вклучи како специјален концерт надвор од рутата на турнејата.

„По 150 концерти годинава, решивме да паузираме и да се посветиме на нови песни! Но, знаете дека сме бенд кој најмногу ги сака настапите во живо и едвај чекаме ‘Сабатон’ да закрстари и да одржи уште едно шоу. Кога ја добивме поканата од Македонија, земја во која никогаш досега не сме настапувале веднаш потврдивме дека мора да го направиме ова! Македонија, доаѓаме!“ – велат „Сабатон“ во најавата за концертот на нивната официјална „фан“ страница.

Развивајќи се постојано во својата кариера, „САБАТОН“ денес е еден од најголемите метал бендови на денешницата, кои редовно настапува како хедлајнер на светските метал фестивали. Од нивните настапи, секако ќе останат запаметени бројните стадионски концерти кои „Сабатон“ ги одржа со легендарните „Ајрон Мејдн“ (Iron Maiden), а како најголем концерт со сигурност е оној на полскиот фестивал „Вудсток“ (Przystanek Woodstock Festival), каде настапија пред половина милион луѓе. Тој концерт беше снимен и објавен на ДВД изданието „Swedish Empire Live“. Добитници се на многу музички награди вклучувајќи ги и престижните „Метал Хамер“ награди (Metal Hammer UK’s Golden Gods Award for Best Breakthrough Artist), а претпоследниот албум „Carolus Rex“ (2012) достигна платинест тираж.

Предводени од моќниот баритон на Јоаким Броден, „Сабатон“ од 1999 година до денес се искачија на високите позиции на метал музиката и стекнаа огромна фан база во светот, а пред сѐ благодарение на феноменалните концерти со кои постојано ја воодушевуваат публиката. Првиот албум во форма на компилација, „Fist For Fight“ го објавија во 2000. година, а вистинските поголеми успеси почнаа да ги нижат со „Primo Victoria“ (2005.). Глобалната „Сабатон епидемија“ продолжи да се шири и со албумите „Attero Dominatus“ (2006.), „The Art Of War“ (2008.) и „Coat Of Arms“ (2010.).

Минатата година го објавија својот нов, седми студиски албум „Heroes“, кој повторно има единствен концепт, секоја песна да раскажува посебна сторија за ветераните од Втората светска војна, и на кој „Сабатон“ ги задржа својот звук и борбеност. Групата овој албум го претстави на турнејата во чии рамки досега се одржаа 150 концерти ширум светот, а конечно за прв пат „Сабатон“ ќе настапат и пред македонската публика, на главната вечер на Таксират Фестивал.

Покрај „САБАТОН“, на ТАКСИРАТ, на 7. декември во Метрополис Арена, потврдени се и настапите на великаните на авангардата „ЛАЈБАХ“ (LAIBACH), диџеј составот на извонредната лондонска дабстеп група „МОУДСТЕП“ (MODESTEP), жестоките каталонци „ЛА ПЕГАТИНА“ (LA PEGATINA), култниот хип хоп состав „САФ“ и Тони Китановски Little Big Band! Наскоро очекувајте и нови изведувачи кои ќе се приклучат во програмата за главната вечер на ТАКСИРАТ со која фестивалот ќе го прослави своето 17. издание.

Би можело да ве интересира

Таксират Фестивал 25 започнува во јануари

Ана Ололовска

Заврши годинешното издание на музичкиот фестивал „Таксират“

А1он

Финале на 23. „Таксират“ – ќе настапат Брејча, Партибрејкерс, Мизар, Санаториум

Ана Ололовска

Финалето на 23. „Таксират“ утревечер со Брејча, Партибрејкерс, Мизар и Санаториум

А1он

Dead Can Dance ќе настапат во Скопје

А1он

На „Архангел“ се пее преку маски седнати на столчиња

Ана Василевска