Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес стана асоцијативен член во мрежата на Европскиот форум на илустратори. Одлуката ја донесе бордот на Европскиот форум на илустратори викендов во Шведска.
Томе Трајков од Стрип-центарот изјави дека вклучувањето во оваа мрежа е по добиена покана од бордот и претставува можностмакедонските стрип-автори да остваруваат меѓународни контакти.
– Ние досега како организација преку Интернационалниот стрип салон и други интернационални проекти отворивме многу врати за соработка со други земји, рече Трајков.
Според него, тенка е границата помеѓу илустраторството и стрипот и повеќето стрип автори се илустратори.
– Единствена разлика е тоа дека секој илустратор не може да црта стрипови, а секој стрип-цртач е и добар илустратор, истакна Трајков.
Европскиот форум на илустратори е слободна мрежа на непрофитни организации во кој членуваат асоцијации од европски земји.
СЦМ-Велес е прва организација-членка од балканските земји. На нејзин предлог во процедура е вклучување и на организации од Албанија, Косово и од други земји во регионот, информираше Томе Трајков.