Во рамките на годинашното издание на „Танц фест 2016“ синоќа во Велес на големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ гостуваше Strates Rualite Dance Company од Париз, Франција.
Во претставата која е еден вид експреиментален проект беа вклучени танчери, вокал и музика која беше изведена во живо, а присутната публика во Велес одушевена од нивниот настап ги награди со долг аплауз.
Како што појаснија од тимот на „Танц фест“, Компанијата „Руалите“ е основана во 2002 година од кореографката Бинтоу Дембеле, а која поврзува современа танцова техника со хип-хоп и крамп стил, придружено со современа музика изведена во живо од Чарлс Амблард, Шарлин Андџембе и Винсент Хоп.
Бинтоу Дембеле освен кореограф е и танчерка која инспирацијата и креација ја наоѓа во хип-хопот и е меѓу првите уметници кој го воведува овој правец во Париз.
Во изјавата за МИА, Бинтоу Дембеле потенцира дека на сцената во Велес многу и се допаднала целата атмосфера и нивниот настап и воопшто целото гостување во Македонија, во Скопје и Велес.
– Имав голем притисок пред да дојдам, за тоа како ќе биде овде, но сега сум полна со импресии. По вчерашниот настап во Скопје се разбудив и бев среќна и добив инспирација да работам на некои нови проекти, а што значи нешто убаво ми се случи тука во Македонија, потенцира Дембеле.
Пејачката Шарлин Андџембе вели дека оваа претстава всушност е кореграфско истражување во кое Бинтоу работејќи на неа, постојано имала на ум, на тоа што се случува во светот.
– Јас сакав тоа да го пренесам и да допрам до публиката со сензитивност, сензуалност, артистичкиот настап и мислам дека ја постигнав целта, потенцира Бинтоу.
Инаку таа во Скопје на сцената „Зебра“ веќе одржала една работилница за хип хоп сцената, а поради големиот интерес соработката ќе продолжи и понатаму, најавија од „Танц фест“.
„Танц фест 2016“ во Велес продолжува на 21 април – четврток со танцовата претстава „Волшебен свет“во изведба на Скопје Танцов Театар.