По месец и половина директорување, министерката за култура во заминување, Ирена Стефоска ја разреши актерката Магдалена Ризова-Черних од в.д. директор на Театар комедија. Решението, Стефоска го потпиша на последниот работен ден, пред да замине од министерската функција.
„Да, вистина е“, одговори кратко в.д. директорката Магдалена Рисова-Черних за „А1он“ и објасни дека преку соопштение ќе даде дополнително објаснување.
Од Министерството за култура велат дека Стефоска ја разрешила директорката бидејќи не го сменила Статутот на Театар Комедија во рокот кој и бил даден.
„Имено, од страна на раководното лице Магдалена Ризова Черних, вршител на должноста директор на Националната установа Театар Комедија – Скопје, и покрај доставеното укажување од Министерството за култура за потреба од измени на подзаконскиот акт на Националната установа, до денот на донесување на решението за престанок на мандат, од страна на раководното лице и покрај надлежноста истото да се заврши во законски определен рок, не е направено усогласување на Статутот на Националната установа Театар Комедија – Скопје, согласно Меѓународната фраскатиева класификација“, велат од Министерството за култура за „А1он“.
Претходно, Стефоска од директорската функција ја разреши и Нора Шаќири-Марковиќ. Образложението беше дека тоа го направила поради тоа што го прекршила Законот за спречување корупција, бидејќи во време на избори, завршила дисциплинска постапка против вработен. Според ексдиректорката, не бил отпуштен иако требало, затоа што во тек биле избори, а причината била негово неоправдано отсуство од работа. По месец од ова, Шаќири-Марковиќ информираше дека од ДКСК била известена дека не го прекршила Законот и обвини дека Стефоска противзаконски ја разрешила.
Слична ситуација беше и со Сашо Ристовски, кој директоруваше пред Шаќири-Марковиќ. Образложението беше дека Ристовски имал нерегуларности во работењето, за што Стефоска поднесе кривична пријава до Обвинителството. По ова, Ристовски самиот информираше дека постапката е затворена, бидејќи не било воочено дека тој го прекршил законот.