Со премиера на танцовата претстава „Стапнувајќи на земја“ на Скопје танцов театар, вечер во Македонскиот народен театар ќе биде отворен годинашниот „Танц фест 2016“. Фестивалот ќе трае до 29 април – Светскиот ден на танцот и, покрај Скопје, ќе се одржува и во Велес и Битола.
Единствена современа танцова компанија во Македонија – Скопје танцов театар со премиерата ќе одбележи пет години постоење. „Стапнувајќи на земја“ има три различни кореографии: „Кој и да е“ на Андријана Андреева, „Најди некој…“ на Матеа Киселичка и „Тишината на пчелите“ во кореографија на Џоан ван дер Маст од Холандија, на музика на Сара Замбони, италијанска авторка која компонираше нова музика за ова дело.
По вечерашната премиера во Скопје, претставата ќе биде изведена и на 9 април во Народниот театар во Велес и на 25 април во Народниот театар во Битола. Покрај оваа, Скопје танцов театар во рамки на „Танц фест 2016“ ќе има уште една премиера – „Волшебен свет“. На 15 април ќе биде изведена во Скопје, на 21 април во Велес, а на 25 април во Битола.
На свеченото отворање вечер во МНТ ќе биде доделена и наградата „Менада“ за врвни остварувања во областа на танцот. Годинашен добитник на признанието е уметникот Милко Шпаремблек кој, меѓу другото, бил и директор и на Метрополитен балетот во Њујорк.
„Танц фест“ најави најобемна фестивалска програма досега, во која публиката ќе има можност да проследи и гостувања на познати танцови компании од Измир, Рига, Париз и Пекинг.
На 11 април Балетот на Државната опера и балет од Измир, Турција, ќе ја изведе претставата „Боите на танцот“ во короеграфија на Мехемд Балкан, на 17 април со „Поетска танцова трагедија“ ќе гостува танцовата компанија АРА од Рига, следниот ден ќе настапи Руалите од Париз, со „Strates” и фокус на современиот танц во Франција, а на 23 април со претставата „Trans la valo” ќе гостува Beijing Nine Contemporary Dance Company од Пекинг.
Во рамки на фестивалската програма ќе има и Отворен ден (7 април) со танцови студија од Македонија. Целта е поттикнување на креативноста кај најмладите кои го практикуваат танцот. На настанот првпат ќе бидат доделени наградите „Пеперутки“ во неколку категории.
Повеќе студија од цела Македонија ќе учествуваат и на Парадата на танцот која ќе се одржи на 24 април на улиците низ Скопје. На 14 април, пак, на сцената „Зебра“ ќе се одржи Хип-хоп танцова лига на студиото „Битрикс кру“, во која ќе се претстават најдобрите хип-хоп танчари избрани во процес на двомесечни натпревари.
Оваа година мотото на фестивалот е „Let’s Dance! Be different!“ во чест на Дејвид Боуви. – Тој е првата голема музичка ѕвезда која во 1988 година го претстави современиот танц на сцена танцувајќи заедно со современата танцова компанија од Њујорk – Хјуман степс Ла Ла Ла, соопшти „Танц фест“.