Овој материјал претставува најобичен памфлет со што се прави обид за попречување на афирмацијата на македонскиот јазик во меѓународни рамки, особено во НАТО и во ЕУ, ова е ставот на Советот за македонски јазик при Владата по повод најновото издание на Бугарската академија на науките (БАН) насловено „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“, потпишано од дванаесет автори и шест надворешни консултанти, под раководство на проф. д-р Васил Николов, заменик-претседател на БАН.
– Нашата заедничка реакција е содржана во едноставната реченица: Македонците секогаш зборувале и ќе зборуваат на македонски јазик! За жал, овој материјал покажува едно неевропско однесување во 21 век, време кога народите во ЕУ и надвор од неа се сплотуваат и се трудат да ги релаксираат сите белези од минатото што можат да предизвикаат непријатни чувства, нагласува Советот за македонски јазик во реакцијата и додава дека ставот што го изнесува по повод ова издание на БАН е за пред македонската и пред странската научна и политичка јавносст.
Во реакцијата потпишана од претседателот на Советот, проф. д-р Људмил Спасов, се посочува дека Советот за македонски јазик при Владата на РСМ се придружува кон сите напредни институции и луѓе во Европа и во светот што градат пријателство и соработка меѓу државите и народите и, ценејќи ја големината на бугарската култура, Советот ја повикува демократската бугарска јавност „да го отфрли овој памфлет од низок стил“.
– Постоењето на македонскиот јазик со свој посебен дијалектен систем и со своја историја е апсолвирано прашање во светски рамки уште одамна и секој став што го негира овој непобитен факт го сметаме за свесна провокација. Неочекувано и неприфатливо е ваква реакција да дојде од страна на една академско-научна институција од држава членка на Европската Унија. Познато е дека се одржани многу конференции посветени на македонскиот јазик, литература, историја и култура, на кои присуствувале еминентни професори и научници од целиот свет, чии истражувања не соодветствуваат на ставовите на Бугарската академија на науките, нагласува Советот за македонски јазик во реакцијата.
Придружувајќи се целосно кон реакциите на научната и на културната македонска јавност, особено кон реакцијата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Советот најави збирка на текстови, во книжно и во електронско издание за, како што наведува, „подобро запознавање на нашата и на странската јавност со стојалиштата на македонските научници и на другите мислители од областа на македонската култура“.