СОНК: Да не се потпишуваат новите решенија за плати во културата

Од:

Зголемување на коефициентите на сложеност по работно место за 10 отсто, а дополнително и за 0,7 отсто, преку заеднички анекс на Колективниот договор како системско решение за исплата на платите на вработените во културата за кои доцни исплатата на мартовската плата, предлага Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК).

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков денеска на прес-конференција ги повика директорите да не постапуваат според новите упатства од Министерството за култура и вработените да не ги прифаќаат новите решенија за пресметка на плата коишто им се доставуваат од вчера, најавувајќи дека ќе ги обжали во случај да бидат потпишани.

Неделков очекува најдоцна до петок да бидат повикани на средба со ресорниот министер Зоран Љутков за да го претстават решението, а во спротивно на седница на Советот ќе се одлучува за идните чекори и оти не исклучена и одлука за штрајк поради доцнењето на платата и непочитувањето на законот и на колективните договори..

– Ситуацијата е доста сложена, на повидок не е решение на проблемот иако ние апелиравме многу рано и на почетокот на април го известивме Министерството за култура дека може да има проблем во исплатата на платите знаејќи го искуството во минатите години дека при секоја промена на минималната плата доаѓа до проблем при пресметката на платата во културата. Проблемот произлегува од недореченоста или лошото толкување на Општиот колективен договор (ОКД) каде платите во јавниот сектор треба во 2023 година да се зголемат за 10 проценти. Овие 10 проценти во 2023 година установите во дејноста култура ги сметаа на бруто плата така само што додаваа 10 проценти без да се вградат во системот на пресметка на плата. Сега од аспект на минатата 2023 и 2024 годоина тие 10 проценти само летнаа во воздух и ги нема никаде. Согласно Колективниот договор за култура методологијата за пресметка на плата е многу едноставна – вредноста на минималната плата на национално ниво се множи со соодветен коефициент на сложеност на работно место со додатоци. Овие 10 проценти од ОКД ги нема никаде и многу е едноставно решението – треба да се вградат во коефициентот на сложеност на работно место, рече Неделков.

Тој дополни дека со ОКД во 2024 година за сите вработени во јавниот сектор платите се зголемија за 0,7 проценти заради инфлацијата во првите шест месеци, но оти повторно во културата не биле вградени во системот 0,7 – те проценти поради што дополнително треба коефициентот да се зголеми за 0,7 проценти.

Доколку остане упатството што го дало Министерството за култура до вработените од културата, наведе Неделков, повторно ќе нема системско решение на проблемот, повторно ќе се стави проблемот под тепих, зголемувањето ќе биде паушално и невградено во системот и 100 проценти сме сигурни дека во 2026 година повторно ќе се видиме на протести или штрајк.

Со решенијата за определување плата што се изготвуваат од вчера попладне, посочи Неделков, директорите се ставаат во многу непријатна ситуација бидејќи ние ќе ги обжалиме решенијата и ќе покренеме правна постапка против установата односно против директорот.

Повторувајќи дека има решение го повика министерот за култура на средба што побрзо за да му образложат како е најисправно да се пресмета плататата.

– Доколку го послушаат нашиот совет и ги зголемат коефициентите по процедура како што е пропишано по закон помеѓу два односно три социјални партнери да направиме заеднички анекс на колективен договор тогаш повеќе од сигурно е дека колегите од дејноста култура во 2026 година ќе немаат проблем. Остануваме со барање што поитно да се сретнеме со министерот за култура да ја исправиме грешката со цел колегите од култура што поскоро да ја земат платата, за жал велигденските празници ги поминаа со празна трпеза и да не испадне така и за првомајските празници. Доколку не се изготви решение така како што налагаат колективните договори и законот ќе заседаваат органите на СОНК ќе се направи анализа и ќе се донесе одлука што понатака, рече Неделков.

На новинарско прашање дали во идните чекори е можна одука за штрајк Неделков одговори дека се е возможно и оти се надева дека нема да дојде до тоа. Возможно е, потецираше, прво поради доцнење на платата и непочитување на закон и колективен договор што повикува на организирање протести и штрајкови.

Според Неделков, СОНК предлага вистински пат до решение наспроти тој на Министерството за култура кој рече дека е ставање на проблемите под тепих со симболична оштета на вработените во културата од 600 до 2000 денари.

– Не знам како ќе се однесуваат директорите, ќе прават или не плата, апелирам до колегите да не ги потпишуваат решенијата со таква плата, тоа ќе биде доволен сигнал да кажат – не, благодарам, ние не се согласуваме со ваквиот начин на пресметка на плата, нелегитимен е. КД многу јасно кажува како се пресметува плата во дејноста култура во член 86, а во нивното упатство е поинаква методологијата за пресметка на плата што не кореспондира со Колективниот договор. До крајот на неделата, четворток петок, очекувам да имаме разврска, во спротиво ќе се преземеме мерки и ќе се состане советот, наведе претседателот на СОНК.

Синдикатот на културата (СКРМ) вчера одржа протестен совет пред Министерството за култура поради неисплатените плати и непочитување на колективните договори. На советот претставниците на Синдикатот побараа достоинствени услови за работа, почитување на колективните договори, транспарентност и професионално управување со културните институции, стратегија за развој на културата, како и Закон за култура со учество на културните работници во нивно изготвување.

Претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска за време на протестниот совет информираше дека од сметководствените и правните служби во институциите за култура, добиле известување дека од страна на Министерството за култура и туризам се доставени нови насоки за пресметка на плата. Тоа значи, како што посочи, дека досегашните насоки каде што беше пресметана платата согласно колективните договори, поточно колективниот договор за култура и општиот колективен договор, не важат, туку сега се дадени нови насоки каде што на некаков поинаков начин се пресметуваат тие 10 проценти, согласно општиот колективен договор.

Министерот за култура пред два дена преку социјалните мрежи им се извини на вработените за доцнењето со ветување дека ќе ги добијат платите заедно со зголемувањето на почетокот на оваа недела. Љутков појасни дека причина за доцнењето е усогласувањето на платите со Министерството за финансии.

Во телевизиско гостување синоќа Љутков рече дека се надева оти денеска до 16 часот ќе бидат исплатени платите за март за околу 3000 луѓе вработени во културата во 120 институции.
Доцнењето се должи на новиот начин на пресметка на платата што, рече, е многу обемен процес, но нагласи дека е првпат со консензус од сите чинители односно пресметката е усогласена со Министерството за финансии и со двата колективни договора – општиот и посебниот. Посочи дека околу 6 отсто ќе биде во просек зголемувањето на платите кај сите вработени и дека процентот ќе биде согласно двата колективни договора.

Како што појасни, досега платите се исплаќале според Колективниот договор потпишан во 2019 година помеѓу синдикатите СКРМ и СОНК со Министерството за култура кој, рече, бил „набрзина донесен“ и без согласност од Министерството за финансии. Поради тоа, за да обезбедат покачувања во однос на минималната плата, во наредните години институциите крателе од буџетот наменет за програмите.

Неодржливо е дури 81 отсто буџетот да оди за плати, а 19 отсто за програми. Тоа е неодржливо и ова е најправилниот начин како да се реши. Зголемувањето кое е направено е и според Општиот колективен договор, и според Посебниот колективен договор, и според закон, бидејќи првпат се усогласуваме сите. Досега секое исплаќање било незаконски зашто немало согласност од Министерството за финансии за колективен договор и тоа значи дека треба сами да си ги обезбедувате средствата од внатре. И секогаш растеле платите, се намалувала продукцијата, немало средства за капитални, ни за обични инвестиции ќе нема и на тој начин ќе дојдеме до ситуација да нема ни за плати. Сега, на овој начин на кој ќе ги исплатиме платите, конечно се решава четиригодишниот проблем, рече Љутков.

СКРМ и културните работници добија поддршка од Сојузот на синдикатите на Македонија Слободан Трендафилов.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Трошоците за живот растат, платите стагнираат

ВМРО-ДПМНЕ: СДС да не глуми загриженост за културата – тие ја претворија во партиска каса и платформа за криминал

Предраг Петровиќ

Презентиран тизерот за новиот хорор филм „Him“: Го продуцираше оскаровецот Џордан Пил

Предраг Петровиќ

Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Саем на книга 2025 – книгите се многу повеќе од зборови, тоа се мостови што поврзуваат луѓе, култури, идеи

МАНУ промовираше тритомно издание „Кочо Рацин“