Писателките Соња Стојменска Елзесер и Оливера Доцевска се кандидати за претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Своите кандидатури тие ги најавија со програми за кои членовите на македонската писателска асоцијација ќе решаваат на Изборното собрание закажано за 28 април.
Соња Стојменска Елзесер (1963) е есеист, критичар и книжевен научник. Доктор по филолошки науки, професор и научен советник во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Член на ДПМ е од 2009 година.
Оливера Доцевска (1975) е поетеса и есеист. Живее во Куманово, работи како адвокат во Скопје. Член на ДПМ е од 2013 година.
За функцијата претседател на Собранието на ДПМ кандидатури со програми доставиле Христо Петрески и Блаже Миневски.
Христо Петрески (1957) е поет, раскажувач, романсиер, критичар и есеист. Доктор е по филолошки науки, професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје и директор на издавачката куќа „Феникс“ од Скопје. Во ДПМ членува од 1985 година.
Блаже Миневски (1961) е раскажувач, романсиер и драмски автор. Работи како уредник во секторот за издавачка дејност во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Член е на ДПМ од 1992 година.
Покрај претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ, на 28 април ќе се избира и Претседателство на ДПМ, како и Собраниски одбор во кој ќе влезат по еден писател од секоја општина во која живеат и создаваат автори-членови на писателската асоцијација. Изборот е за мандат од четири години.