Во Прилепскиот народен театар вечер ќе биде премиерно изведена претставата „Сон на летната ноќ“ од Шекспир, во режија на Нела Витошевиќ.
Прилепската публика прв пат ќе ја види претставата која најпрво беше одиграна во јули, на Шекспир фестивалот во Битола, а потоа и неодамна на МОТ во Скопје.
– Сакаме да и се оддолжиме на домашната публика. Претставата на Шекспир фестивалот во Битола и на МОТ во Скопје предизвика огромен интерес. Станува збор за едно поинакво, модерно видување на познатото дело на Шекспир, вели Стојан Дамчески, раководител на Народниот театар „Војдан Чернодрински“.
Во претставата играат Игор Ангелов, Даниела Иваноска, Игор Трпче, Марија С. Илијеска, Катерина Чакмакоска, Зоран Иваноски, Димитар Ѓорѓиески, Илија Волчески, Јасмина М. Станкоска, Александар Тодески, Ирена Мирчесака и Михајло Михајлоски. Сценографијата е на Костатин Трпеноски, музиката на Огнен Анастасоски, а костимите ги изработи Розе Трајческа.
На 9 октомври Театарот ги почнува пробите за последната, трета претстава од годинашната програма. Ќе работи на „Адам и Ева“ според Мирослав Крлежа во режија на гостинката од Загреб, Хрватска, Ања Максиќ. Премиерата е предвидена за ноември.
Прилепскиот театар на 5 ноември ќе гостува на камерниот фестивал во Никшиќ, Црна Гора, со претставата „Буре Барут“. До крајот на годината, ќе работи и на една детска претстава заедно со Центарот за култура „Марко Цепенков“.