Музичката програма на годинашното 57. издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на рускиот пијанист Александар Синчук.
Маестро Синчук светската кариера ја започнува по победата на четвртиот интернационален натпревар „Сергеј Рахманинов“ во 2008 година во Москва, по која како деветнаесетгодишен пијанист настапува на соло-рецитал во „Карнеги хол“ во Њујорк. Ангажманите денес го носат во концертните сали низ Русија, но и во Украина, Србија, Бугарија, Италија, Шпанија, Германија, Австрија, Велика Британија, Португалија, Франција, Данска, Луксембург, Израел, Мароко и САД.
Синчук дипломира и магистрира во класата на Валериј Пјасетски на Московскиот конзерваториум, а во 2014 година се здобива и со диплома од школата за музика „Торнтон“ во Лос Анџелес, каде студира во класата на американскиот пијанист и прв победник на конкурсот „Чајковски“, проф. Даниел Полак. Се усовршува кај истакнатите пијанисти Наум Штаркман, Рудолф Бухбиндер и Дмитри Башкиров. Во 2015 година е назначен за асистент на Московскиот државен конзерваториум.
Тој е лауреат на повеќе значајни национални и меѓународни натпревари меѓу кои прва награда и златен медал на натпреварот „Владимир Хоровиц“ во Киев и „Гран при“ на натпреварот „Интерлакен“ во Берн. Како стипендист на фондацијата „Владимир Спиваков“ му се укажува шанса да настапува солистички и со оркестри во Русија и надвор од неа. Настапува со истакнатите диригенти како Валериј Гергиев, Владимир Спиваков, Дмитри Јуровски, Дмитри Васиљев, Валери Полјански, Максим Ешкенаси, Хауард Грифитс и др. Во 2009 година го издава ЦД-то „Романси од Сергеј Рахманинов“ заедно со баритонот Павел Барански, а исто така снима солистички компакт-диск во Големата сала на Московскиот конзерваториум со дела од руските мајстори Чајковски, Скрјабин и Рахманинов.
На програмата на концертот во катедралната црква „Света Софија“ од 20:30 часот се избрани дела на Чајковски и Рахманинов.