Со вечерашниот концерт на „Supersonic“, групата на францускиот саксофонист и вокалист Томас де Пуркери, во Македонскиот народен театар (МНТ), завршува 35. Скопски џез фестивал (СЏФ).
Пред „Supersonic“ ќе биде претставен новиот проект на трубачот Питер Еванс и негово трио „Pilverize the Sound“.
Де Пуркери е познат како фронтмен во квинтетот со тромбонистот Даниел Зимерман и како пејач во рок-групата „Риголус“. Во 2012 година го основа „Supersonic“, состав од шест музичари, инструменталисти, со различни, богати потекла и стилови, за да го обработи репертоарот на Сан Ра. Сите негуваат љубов кон трансот, мелодијата и импровизацијата. „Supersonic“ раскажува уникатна приказна, нивните песни имаат универзална димензија што им се обраќа на сите.
„Pilverize the Sound“ ги обединува њујоршките експерименталисти: Питер Еванс на труба, Тим Дал на електричен бас и Шејна Данкелман на тапани и ударни инструменти. Тројцата соработувале со музичари од различни жанрови, а од 2010 работат на експерименталниот пристап кон компонирањето и импровизацијата, свират развлечени хипермодернистички партитури што заеднички ги напишале и аранжирале. „Pilverize the Sound“ создаде посебна, невообиачена естетика, го првилече вниманието со музиката што е екстремна во однос на брзината, гласноста, темброт, преминувајќи ја границата кон непознатото.
Годинашниот 35. Скопски џез фестивал почна во четвртокот, со концерти на еден од најиновативните импровизатори на француската џез-сцена, пијанистот Бојан З. и на триото на светскиот виртуоз на гитара Џулијан Лаж. Завчера публиката уживаше во музиката на бразилскиот гитарист Винисиус Кантуарија, како и во настапот на полското трио на пијанистот Марцин Василевски и неговиот гостин, саксофонистот Јоаким Милдер, додека полноќната програма во Денсинг салата на МКЦ беше резервирана за светски популарната Џош Стоун.
Синоќа во МНТ настапија двата врвни авангардни џез состави – американскиот квартет „Made to Break“ и скандинавското трио „The Thing“, а по полноќ во Сити хол центарот концерт имаше македонскиот состав Гоце Стевковски септет со гостинот Џијан Емин.
Покровител на годинашниот Скопски џез фестивал е Министерството за култура, а поддржувачи Градот Скопје, Амбасадата на САД во Македонија и Делегацијата на ЕУ во Македонија.