Скопскиот џез фестивал деновиве гостува во метрополата на светската култура, градот Њујорк, каде на 19 декември (петок) ќе има своја презентација. Настанот “Skopje Jazz Festival in New York City“, чија цел е да ја претстави и промовира македонската џез култура и традиција, ќе се одржи во познатиот џез клуб STUDIO 151, а во соработка со Македонскиот културен центар (Gallery MC) од Њујорк.
Вечерта ќе биде отворена со изложба на најуспешните и наградени плакати од историјата на Скопскиот џез фестивал, а ќе продолжи со коктел и концерт на Тони Китановски Трио. Како специјални гости на вечерта, њујоршката публика ќе има можност во живо да ги чуе Hardedge, трубачот Graham Haynes, гитаристот Brandon Ross, како и македонскиот музичар Дуке Бојаџиев.
Њујорк отсекогаш играл значајна улога во уметничката концепција на Скопскиот џез фестивал низ неговата импресивна 33-годишна историја. Скопје на својата џез сцена ги пречекал речиси сите креативни имиња кои доаѓаат од најплодната средина за импровизирана музика во светот. Овој пат, Њујорк го возвраќа гостопримството, со вечер на одличен македонски џез, уметност и дизајн и врвно македонско вино.