Во Кинотека на Македонија на почетокот на следниот месец ќе се организира второто издание на филмскиот фестивал за музички документарни филмови Скопје синема сити. Во четирите фестивалски денови, гостите ќе можат да проследат бројни музички филмови од различни жанрови и продукции.
Фестивалот ќе почне со осврт кон Леонард Коен и ќе биде отворен со филмот „Јас сум твојот човек – Леонард Коен“ на режисерката Лиан Лунсон. На фестивалот ќе се прикажат бројни филмови од продукцијата на ББЦ (BBC), а на програмата ќе се најдат и домашни филмови.
Во рамките на фестивалот ќе се промовира и книгата со музички интервјуа на организаторот на фестивалот Ненад Георгиевски, која ќе биде објавена од издавачот Полица. Книгата ќе содржи 40 интервјуа со странски музичари како Пет Метини, Дејвид Силвијан, Питер Хук и домашни музичари како Влатко Стефановски, Кирил Џајковски, Џијан Емин и Љубојна.
Скопје синема сити е филмски фестивал за музички документарни филмови основан во 2014 годонина и претставува мултимедијална платформа која обединува се на тема музика, од документарни филмови, изложби, па до промоции на книги и предавања.
Минатата година фестивалот се отвори со изложбата на фотографии од Давид Боњие на реномираниот британски фотограф Брајан Рашиќ заедно со филмови за Боњие. На програмата имаше бројни филмови и од домашна и од странска продукција и гости од Велика Британија и Германија.