На 28. издание на Сараевскиот филмски фестивал, најновиот филм во подготовка „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума, а во продукција на Сестри и брат Митевски освои две награди за развој во програмата Синелинк.
Станува збор за „Синелинк“ награда од Филмскиот центар на Србија во вредност од 10.000 евра и наградата Женски гласови од Словенскиот филмски центар исто така во износ од 10.000 евра.
Огромно е признанието кое пристигнува од Сараево, од најзначајниот регионален копродукциски маркет, бидејќи „Скејтањето не е за девојчиња“ беше во конкуренција за награди со 46 филмски проекти во развој во конкуренција, а го препознаа две жирија, меѓународни, составени од признаени филмски дејци независни едно од друго.
Претходно, филмот беше селектиран и како еден од шест филма во најпрестижната програма за развој на Канскиот филмски фестивал 2022, Резиденс на Кан, во ателјето на Канската Синефондасион, со престој во Франција, Париз и Кан, од март до јули годинава.
Сараевскиот филмски фестивал вечерва се затвара со најновиот филм на Пјер Жалица, “Празник на Трудот”, каде Сестри и брат Митевски Продукција се појавува како македонски копродуцент. “Празник на Трудот” беше поддржан како малцинска копродукција од страна на Агенцијата за филм.