Најексклузивна, вака е најавена вечерашната програма на Скопје џез фестивалот. Во Универзална сала гостуваат 28-члениот „Fire!Orkestra“ предводен од Матс Густавсон и пијанистот Ник Барч, а на полноќ во „Сити хол“ триото од Белгија „Данс данс“.
Оркестарот на Густавсон е составен од кремот на скандинавската џез, импро и авант рок сцена.
– Ако музиката на триото Густавсон, Бертлинг и Верлин е како жица со висок напон што повикува да ја дофатиме, оркестарот е вистинска ерупција, велат познавачите. Музичката креативност на Швеѓаните прави омаж на елеганцијата и луцидноста на оркестрите предводени од Сан Ра, Чарли Хејдн, Карла Блеј и Крис МекГрегор, но во исто време црпи инспирација и од индустрискиот звук и гараж панк музиката.
Опусот на швајцарскиот пијанист и композитор Ник Барч е меѓу најкарактеристичните во овој век. Со своите први албуми од пред десетина години тој придонесува за создавање нови, уникатен звук. Стилот на компнирање на Барч и посебно настапите во живо се премногу специфични за да се наречат модерни, но во нив се препознава хипнотички минимализам и фанки грув. Во Скопје Барч настапува како дел од „Ронин“ што во основа е квартет со бас кларинет, пијано бас и тапани.
Белгиското трио „Данс данс“, едно од најинтригантните откритија изминатите години на европската музичка сцена, се декларира како класичен џез бенд кој земајќи ги стандардите, од балади и песни создава рок, филмска музика и авангарден џез. Централна фигура е гитаристот Берт Докс.
Скопје џез фестивалот почна вчера со настап на маестралната Јун Сун На од Кореа и шведскиот гитарист Улф Вакениус, по што публиката уживаше во музиката на тапанарката Тери Лин Керингтон од САД и нејзиниот квартет. Полноќниот термин во Сити хол центарот го отвори Obara International, модерниот џез квартет на најзначајното име на новиот полски џез, саксофонистот Мачиеј Обара.
Утревечер гостуваат пијанистот Метју Шип и пет пати номинираната за „Греми“, боса-нова вокалистката и пијанистка Елиане Елиас. Неделата е резервирана за пладневниот концерт на саксофонистот Нед Ротенберг, една од иконите на њујоршката авагардна сцена, и вокалната импровизаторка и експериментаторка Саинко Намчилак. Овој концерт, предвиден за 13 часот во киното „Фросина“, е новина на Фестивалот.
Скопје џез фестивалот ќе заврши со концерт во МОБ на композиторот и мултиинструменталист Вадада Лио Смит, њујоршкиот саунд-дизајнер Hardedge, и австралискиот бенд „The Necks“.