„Симон Боканегра“ од Верди за отворање на 42. Мајски оперски вечери

Од:

Пет опери и еден балет се на програмата на 42. Мајски оперски вечери кои, како и секоја година, ќе се одржуваат во периодот од 9-ти до 31 мај. Годинава во сите претстави доминираат гости од Италија, која се смета за татковина на операта.

Годинашните Мајски оперски вечери в петок ќе бидат отворени со премиера на операта „Симон Боканегра“ од Џузепе Верди, во режија на Антонио Карло де Лучија од Италија и под диригентство на неговиот сонародник Џанлука Мартиненги. Насловната улога ќе  ја игра македонскиот баритон Борис Трајанов.

Ќе настапат и Весна Ѓиновска-Илкова – како Амелија / Марија Боканегра,  Владимир Саздовски во улога на Јакопо Фиеско,  Ѓорѓи Цуцковски во ликот на Габриеле Адорно,  Владимир Андриќ  од Србија ќе го игра Паоло Албијани,  Ернес Ибраимовски (Пјетро), Марјан Николовски (Капетан) и Марика Поповиќ (Слугинка на Амелија). Сценограф е Алесандра Полимено, а костимограф Александар Ношпал.

Диригентот  Мартиненги денеска на прес-конференција рече дека операта  „Симон Боканегра“ спаѓа во средината на опусот на Верди и е тешка за изведба зашто е и белканто, но има и  симфонични елементи карактеристични за следните дела на Верди.

– Слична е на симфониската опера „Отело“, но по белкантото е блиску  до оперите на Белини и Доницети. Со хорот и оркестарот овие денови работев да ги надминам овие проблеми и оркестарот стилски звучи како италијански оркестар, рече  Мартиненги.

За операта „Симон Боканегра“ Верди бил инспириран од историски лик и истоимената драма од Антонио Гарсија Гутиерез. Дејството е во Џенова, во средината на 14 век.

Режисерот Антонио Карло де Лучија истакна дека секогаш се држи до либретото и музиката и дека се работи за класична изведба која е комплексна со сите свои елементи.

– Остануваме во границите на времето кога е напишано либретото, но чувствата не се менуваат и се исти како што биле некогаш… Работам со многу добри солисти и техничка екипа, рече Де Лучија.

Весна Ѓиновска-Илкова нагласи дека се работи за една од најкомплексните опери и дека, покрај улогите во оперите на Пучини, оваа улога е голем предизвик за еден сопран. Истакна дека публиката ќе забележи поинаков звук и музички израз со голема лиричност.

Втора оперска претстава на фестивалот е „Дон Џовани“ од Моцарт (на 18 мај), која е во италијанска продукција – режија на Лев Пулиезе и под водство на диригентот Џузепе Сабатини. Насловниот лик ќе го игра Хавиер Ландете од Шпанија, а во екипата е и македонскиот тенор Благој Нацоски (во улогата на Дон Отавио).

„Фауст“ од Шарл Гуно е на програмата на 22 мај, во режија, сценографија и костимографија на Марио Де Карло  од Италија, а диригент е Оливер Балабурски. Во насловната улога ќе настапи  Иван Момиров  од Бугарија, а во улогата на Маргарита – оперската певица од Албанија со светска кариера Инва Мула.

На 26 мај ќе биде изведена операта „Турандот“ од Пучини во режија на Кузман Попов од Бугарија, под диригентство на Џанлука Мартиненги од Италија, со италијанската певица Џована Казола, која е меѓу неколкуте најпознати изведувачки на улогата Турандот.

Традиционално, МОВ на 31 мај ќе бидат затворени со „Аида“ од Верди, во режија на Дејан Прошев и под диригентство на Владимир Куленовиќ од Србија. Ликот на Аида оваа година ќе го игра Италијанката Силвана Фроли.

На програмата на годинашните Мајски оперски вечери е и балетот „Жизел“ на Адолф Адам, во кореографија на Леонид Лавровски  од Русија и под диригентство на  Алис Фарнам од Велика Британија, кој ќе биде изведен на 12 мај.  Жизел ќе ја игра Украинката Јана Саленко.

Директорот на МОБ Дејан Прошев рече дека во секоја претстава од фестивалот има една или две ѕвезди на оперската уметност. Според него, Мајските оперски вечери, кои лани влегоа во петтата деценија, се стремат кон се поквалитетни изданија. Фестивалот е финансиран од Министерството за култура и поддржан од спонзори и медиумски покровители.

Цената на билетите се 400 денари во галерија, 600 денари во партерот и 800 денари за ВИП-влезница. Блок-билетите за сите шест претстави се по цена од 1.440, 2.160 и од 2.880 денари.

Во организација на Амбасадата на Италија, во фоајето на МОБ до крајот на јуни ќе биде поставена изложба за Џузепе Верди по повод 200 години од неговото раѓање кои светот ги одбележа минатата година. Изложени се плакати и фотографии од опери на Верди во различни продукции.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Италијанското оперско пеење доби статус на културно наследство на УНЕСКО

Предраг Петровиќ

Оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини во Национална опера и балет

Предраг Петровиќ

Успешен настап на Националната опера и балет во Народниот театар во Белград со „Севилскиот берберин“

Ана Ололовска

Традиционален Гала оперски концерт по повод празникот „Василица“ 2023

Ана Ололовска

„Палјачи“ од Руџеро Леонкавало во Национална опера и балет

Во Националната опера и балет ќе се изведе операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи

Горан Наумовски