Шведската публика одушевена од настапот на „Танец“

Од:

Со силни аплаузи и одушевеност бројната публика во Консертхусет синоќа ги испрати од сцената 40-ината играорци и членови на оркестарот на „Танец“, кои со 70-минутен енергичен настап во познатата концертна сала на Стокхолм го одбележаа 20-годишниот јубилеј од дипломатските односи со Шведска.

Околу 700 гости во исполнетиот партер не останаа рамнодушни на македонскиот фолклор, кореографиите, вокалните и инструменталните изведби со кои се претстави македонскиот национален ансамбл.

Настапот почна со моќниот звук на тапанот, усогласен со прецизниот чекор во Тешкото, а продолжи со разиграност во ората Тресеница, Малешевка и Драчевка, на кои публиката на моменти и ракоплескаше во ритамот на музиката.

– Прекрасно шоу, импресионирана сум од играчите, од убавите носии и прекрасното пеење. Многу сум задоволна што бев вечерва поканета, рече градоначалничката на Стокхолм Маргарета Бјорк.

Таа беше меѓу голем број други видни личности од општествениот живот во Шведска, кои пред концертот вкусија и македонско вино на коктелот што го организираа Министерството за култура и Амбасадата на Република Македонија.

– Игра со толку страст, што сакав и јас да сум на сцената, рече Вона и Де Јонг, позната деловна жена во шведската бизнис-елита.

– Немам видено толку прекрасна игра, музика и таква презентација. Беше апсолутно фантастично. Тоа не е само мое мислење, туку на сите нас кои бевме среќни да бидеме вечерва овде, изјави Габор Бруст, член на Интернационалниот Ротари клуб на Стокхолм.

Задоволството од успешното претставување не го криеше ниту директорот на „Танец“ Зоран Џорлев иако, како што рече, било очекувано да биде возбудливо зашто е така на секое нивно гостување.

– Ќе продолжиме со исто темпо. Посебно во време кога е актуелно нашето име, ние со гордост се претставуваме како национален ансамбл од Република Македонија, истакна Џорлев.

– Бев уверена дека и денеска, како и досега, ќе го направат тоа што го знаат и тоа се потврди. Посебно ми е драго што салата беше преполна и што уживаа во македонската музика, во колоритноста на македонските традиционални носии и накит, во она што ние може да го понудиме и што е наша гордост – богатото културно наследство, изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која во обраќање пред настапот на „Танец“ ја отвори манифестацијата „Македонија во Шведска“.

Присутните ги поздрави и амбасадорот Кире Илиоски, кој по концертот изјави дека „Танец“ е најдоброто од Македонија и дека секој што синоќа беше во Консертхусет ќе има, како што рече, спомен од неповторлив настан.

– Ова е најдобар начин да се прослави 20-годишнината од започнувањето на соработката со Кралството Шведска, истакна Илиоски.

Заедно со министерката тој зад сцената им честиташе на членовите на ансамблот и им рече дека со концертот во Консертхусет заслужиле Нобелова награда.

Консертхусет е импресивна градба од 1926 година и е дом на Кралскиот филхармониски оркестар на Стокхолм, кој минатата година одбележа 110 години постоење. Таму настапиле познати солисти и оркестри, а на 10 декември секоја година свечено се доделуваат Нобеловите награди за физика, хемија, медицина, литература и економија.

Манифестацијата „Македонија во Шведска“ продолжува до крајот на годинава. По повод јубилејот од дипломатските односи наесен во Шведска ќе бидат изложени старите словенски ракописи од Македонија.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ