Здружението на графички дизајнери „Плакарт“ од 5-ти до 20 декември ќе го организира седмиот „Скопје постер фестивал“, годинава под мотото „Дизајн за мир“. „Плакарт“ најави богата фестивалска програма предводена од врвни имиња од графичкиот дизајн.
– Со гордост најавуваме дека оваа година сме домаќини на Ива Бабаја, претседател на светската дизајн асоцијација Icograda, и Давор Брукета, еден од најуспешните дизајнери во Југоисточна Европа, со 400 награди како признание за неговите генијални креативни проекти, Борут Вилд, еден од најинспиративните балкански дизајнери со над 100 меѓународни проекти, иницијатор на бројни успешни регионални настани за дизајн, соопшти „Плакарт“.
Тие ќе бидат членови на жирито на „Скопје постер фестивал“ и ќе ги селектираат идејните решенија на графички дизајнери кои, како што информира „Плакарт“, на исклучителен начин ја искористиле својата креативност.
Жирито на 4. декември ќе направи претфинална селекција, а на 5 декември во Младинскиот културен центар ќе биде отворена изложбата со творби на финалистите и ќе бидат објавени победниците. Во рамки на фестивалот, на 6 декември „Плакарт“ ќе организира регионална конференција за дизајн „Состојбата на дизајнот на Балканот и негово интегрирање во едукативните процеси“.
Изложбата во МКЦ ќе може да се посети до 20. декември. „Скопје постер фестивал“ е поддржан од Министерството за култура и Младинскиот културен центар.