Се препокрива родната куќа на Блаже Конески во Небрегово

Од:

Родната куќа – спомен-музеј на основоположникот на современиот македонски јазик и литература Блаже Конески во неговото Небрегово интензивно се препокрива. Проектот на прилепскиот Завод и музеј вреден околу еден милион денари ќе ги спаси родната куќа на Конески и оригиналната музејска поставка од забот на времето со првото обновување на покривната конструкција од отворањето на спомен-куќата на први август 2005 година.

Работите се во тек. Отстранети се досегашните камени плочи и основата на покривната конструкција. Сега наново се поставува дрвена конструкција и заштита – стаклена волна, а камените плочи, за пак да се долови автентичноста се увезени од Грција поради високиот квалитет.

Според директорот на прилепскиот Завод и музеј, Благоја Атанасоски, ова е проект на музејот, поддржан од Министерството за култура, но средствата се пренаменети музејски средства.

-Од 2005 година кога е отворена Спомен-куќата на Блаже Конески во Небрегово за прв пат се препокрива. Имаше потреба од интервенција на покривот поради временските прилики со годините. Во Министерствтото конкуриравме со овој проект. Но, не добивме доволно средства па ние од Музејот пренаменивме дополнителни средства. Тендерот го доби прилепска компанија. Се препокрива со камени плочи увезени од Грција кои се предвидени со самиот проект. Препокривањето се одвива многу поквалитетно и треба да трае многу подолго време, рече Атанасоски.

Водичот во спомен-куќата музеј, Миле Спиркоски, една од најавтентичните во регионот вели дека последните три-четири години биле критични кога камените плочи почнале да се слизгаат од покривот.

-По 13 години, поради атмосферските влијанија, дел од камените плочи почнаа полека да се оидлепуваат и да се слизгаат од покривот и постоеше голема можност да се уништи поставката во спомен-куќата. Последниве три-четири години јас лично ги враќав на местото каде беа ставени. Со ова препокривање, исто ќе биде автентично направено, но камените плочи се со далеку подобар квалитет. Плочите ќе бидат заштрафувани за дрвената подлога. Уверен сум дека куќата нема да прокисне долги години, објаснува Спиркоски.

Со оваа интервенција се зачувува вредната постапка во спомен-куќата, а од друга страна се зголемува интересот за посета од ученици, домашни и странски туристи, а се одржуваат и бројни манифестации.

– Артефактите во родната куќа на Конески се бесценети, автентични, добар дел е инвентар кој го користело семејството на Блаже Конески Реконструкцијата на објектот е значајна и за самиот објект и за неговата посетеност. Музејот „Спомен-куќа на Блаже Конески“ е еден од најрепрезентативните што ги имаме на овие простори. Посетен е од групи ученици, туристи, странски и домашни, научни работници. Во спомен-куќата се одржуваат и повеќе манифестации, а и наши проекти поврзани со музеите и со училиштата. Со текот на времето имаме уште поголема најава за посета, вели директорот на прилепскиот музеј Благоја Атанасоски.

Се очекува работите да бидат готови до крајот на месецов. На 7 декември ќе биде одбележана 25 годишнината од смртта на основоположникот на македонскиот современ литературен јазик и граматика, Блаже Конески, токму во неговата родна куќа, спомен-музеј во Небрегово.

Би можело да ве интересира

Објавена книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски

Во Струмица промовиран Зборникот „Уште едно навраќање кон Конески“

Ана Ололовска

Промоција на зборникот „Конески на 11 јазици“

Стефоска: Конески оформи национален пристап во оформувањата

Ана Ололовска

Царовска: Делото на Конески е аманет

А1он

Свечен собир на МАНУ: Чествувањето на Конески е чествување на кодот на нашата држава, нација и идентитет

Ана Ололовска