Во Кинотеката денеска напладне ќе биде прикажан францускиот трилер од 1960 година „Во зенитот на сонцето“ во режија на Рене Клемент, со Ален Делон во главната и негова прва голема филмска улога.
Се базира на книгата „Талентираниот мистер Рипли“ на американската писателка Патриша Хајсмит и е добитник на наградата „Едгар Алан По“ за најдобар странски филм. Гостин пред проекцијата ќе биде актерот Никола Ристановски.
Со овој филм ќе заврши програмата „Кино будење“ што се одржуваше секоја сабота во март. Ревијата почна во првата сабота месецов со британскиот трилер-романса „Играчка плачка“ од 1992, во режија на Нил Џордан.
Во изминатите три саботи беа прикажани и: „Изгорени од сонцето“ на рускиот оскаровец Никита Михалков, снимен во 1994, британскиот „Тајни и лаги“ на Мајк Ли од 1995, и „Секс, лаги и видеоленти“ на Стивен Содеберг од 1989 година.
Специјалната програма „Кино будење“ е по избор на Бистра Георгиева и Константин Лошков и се состои од проекција на наградувани филмови, нивна препорака и отворање од познати домашни личности.