Познатиот руски поет Сергеј Главјук денеска и утре ќе биде гостин на Друштвото на писателите на Македонија и ќе оствари повеќе контакти за можностите за проширување и интензивирање на соработката меѓу македонските и руските писатели, соопшти ДПМ.
Утре напладне во домот на македонските писатели ќе се одржи портрет на Сергеј Главјук, за чие творештво ќе зборуваат претседателот на ДПМ Веле Смилевски, Братислав Ташковски и Олга Панкина.
Поезијата на Сергеј Главјук им е позната на македонските читатели со книгите „Агли“ и „Старата монета“, објавени во превод од руски на Гане Тодоровски.
Главјук е составувач на десеттомната антологија „Словенските поезии на 20. и 21 век“, во која првиот том од 500 страници е посветен на македонската поезија. Добитник е на македонското признание „Златно перо“ за успешно презентирање на творештвото на наши автори на руски јазик. Сергеј Главјук е почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.