Хрватскиот актер Раде Шербеџија е во неколкудневен престој во Битола каде бара локација за снимање на својот најнов филм „Ослободувањето на Скопје“ кој ќе се игра на македонски јазик.
– Во Битола сум заедно со моите продуценти од Загреб и Скопје и со мојот син Данило и бараме објекти за снимање на нашиот филм, истакна Шербеџија за време на престојот во Битола, град во кој, како што рече, има многу автентични улици и архитектура преку кои може да ја реализира својата идеја.
– Филмот има посебни барања, а поддршка и разбирање за нашите потреби имаме и од македонскиот премиер. Филмот ќе се снима во Македонија, бидејќи е посветен на една македонска тема од 1944 година. Станува збор за воена тема, за едно семејство во Скопје кое се соочува со тешкотиите кои ги предизвикува војната. Оваа драмска приказна е работена на база на драмскиот текст „Ослободувањето на Скопје“, рече Шербеџија.
Финансирањето на филмот „Ослободувањето на Скопје“ ќе биде поткрепено од Хрватскиот филмски фонд, Македонскиот филмски фонд и Еуроимаж, истакна хрватскиот и светски познатиот актер Раде Шербеџија за време на престојот во Битола.
За време на престојот во Битола, Шербеџија остварил повеќе контакти со актери од Битолскиот театар, но и со јавни личности и функционери, односно со министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и градоначалникот Владимир Талески.
– Се сретнав со македонската министерка и битолскиот градоначалник кои ме информираа дека ќе го реконструираат киното на браќата Манаки и јас сум одушевен од таа одлука. Јас знам дека фестивалот „Браќа Манаки“ е со големо име и со светско значење, истакна Шербеџија.