„Рациновото признание“ за 2017 синоќа на сцената на Велешкиот театар и беше врачено на Ана Стојаноска за романот „Јас и Лин, отпосле“ во рамки на 54. Рацинови средби. Поостхумно првпат беше доделно и „Почесното Рациново признание“ за 2017 за Предраг Матвејевиќ од Хрватска.
Лавровиот венец на лауреатката Стојаноска и го врачи градоначалникот Славчо Чадиев, а плакетата „Рациново признание 2017“ и парична награда од 60 илјади денари и ги врачи Владимир Јанковски, претседател на жирито и еден од двајцата минатогодишни лауреати на ова високо литературно признание.
Стојаноска обраќајќи се пред присутните во салата се заблагодари на честа да го добие признанието поврзано со името на големиот Рацин.
– Ова признание ми значи како соѕвездие од приказни, како живот напишан да остави траги. За мене ова признание значи дека сите зборови што си играле со мене и јас сум играла со нив пред повеќе од една деценија, денес си го нашле своето место во македонската литература. И благодарам на комисијата и организаторот и на сите читатели на романот, рече Стојаноска.
Почесното Рациново признание за 2017 првпат на манифестацијата „Рацинови средби“ беше доделено постхумно – на Предраг Матвејевиќ од Хрватска кој долго живеел во Италија (1932-2017) и почина во февруари годинава. Организаторот соопшти дека признанието ќе и го испрати на неговата сопруга во Хрватска.
За оваа награда одлучуваше жири составено од универзитетските професори Јелана Лужина и Људмил Спасов. Лужина истакна дека Предраг Матвејевиќ е првиот добитник на Почесното Рациново признание кој има многу допирни точки со Коста Солев Рацин. Рече дека Матвејевиќ бил и голем пријател на Македонија и презентер на македонската книжевност и литература во светот.
Вечерта почна со перформансот „Азбучарење по Рацин“, а заврши со миниконцерт на македонскиот пијанист Дино Имери, кој свиреше во чест на лауреатите. Со тоа заврши и програмата на годинашните 54-ти Рацинови средби.